Поп Арсова: Зошто не им се доволни моите пет државни рекорди?

На Скопскиот маратон истрча 3:05:04 часа, на маратонот во Ајндховен оствари време од 3:00:37 часа, на маратонот во Подгорица 2:59:43 часа. Патеката од 10.000 метри на националното првенство (арена „Филип Втори“) ја совлада за 38:40 минути, а делницата со идентична должина на „Скопје ран“ ја мина за 38:28 минути. Сите пет резултати се државни рекорди што е реткост за македонски атлетски услови и тоа зад едно име. Во случајот на Адријана Поп Арсова, 28 годишната виничанка, кој вредно и посветено работи и се саможртвува за постојан напредок. И успева во тоа за што најдобар показател се резултатите. Меѓутоа е „под опасност да добие шилци во рамењата од тапкање“ од Атлетската федерација на Македонија (АФМ) која не собра сили да се стави над таблицата на Светската атлетска федерација (ИААФ) во изборот на најдобрите за 2018 година.

Почестите за најдобра сениорка завршија за Дрита Ислами, македонска репрезентативка и учесничка на Летните олимписки Игри во Рио де Жанеиро и потенцијална претставничка на наредната Олимпијата во Токио во 2020 година. Нејзините резултати се далеку под постигнатите на Поп Арсова. Во образложението да биде прогласена за најдобра за 2018 година, а Поп Арсова само нотирана, од АФМ ги наведоа настапите на 400 метри со пречки на три големи настани. На Медитеранските игри во Тарагона оствари деветто време од 10 натпреварувачки (1:00:68 минути што е нејзино најдобро во сезоната), на Европското првенство во Берлин беше 21, последна, во севкупниот пласман на 400 метри со пречки (1:02:23 минути) и на Балканијадата во Стара Загора забележа седмо време на 400 метри со пречки 1:01:49 во друштво на 13 атлетичарки.

Таблица на ИААФ посилна од рекорди

Притоа настапите во дел од медиумите беа оценети како просечни, во дел како разочарувачки. Но, за АФМ, се континуитет во нејзината работа за реализација на олимписката мисија „Токио 2020“. И во ред. Никој нема ништо против таквиот став, ниту против ангажманот на Дрита на тартанот. Проблем е принципот бидејќи идентично ќе беше и при променети улоги на Ислами и Поп Арсова во изборот. Од АФМ се повикуваат на таблица на ИААФ како според која Ислами во случајот има 220 бода повеќе од Поп Арсова. И крај. Други критериуми нема, па заклучок е дека пет државни рекорди се помалку вредни од едно последно место на ЕП, едно претпоследно на Медитерански игри и „златна средина“ во регионот (читај Балкан). Вториот проблем е бирократијата во АФМ во процесот на проширување на критериумите за избор на најдобрите.

„Единствен критериум при изборот на најдобрите во годината е таблицата на ИААФ. Се водиме по неа. Во спротивно ќе направиме преседан. За проширување на критериумите потребно е претставник на клуб или клубови да достават предлог или иницијатива со АФМ. Истата да биде ставена пред членовите на Управниот одбор кои доколку се исјаснат позитивно се проследува на разгледување и усвојување до Собранието“, изјави Јованче Јанковски, член на регистрационата комисија, член на комисијата за развој и стручен секретар во АФМ, за „Независен весник“.

Пред факти и богови молчат, а не пак домашни атлетски авторитети

Но, никој немаше да забележи ништо Поп Арсова да беше прогласена за најдобра атлетичарка за 2018 година затоа што го заслужи тоа. Покритие се резултатите што затвораат сечија уста, а пред фактите и боговите молчат камоли атлетските авторитети во земјава. Најдобрата македонска маратонка во моментот не се појави на скромната свеченост на АФМ за избор на најдобрите. Причината е едноставна и разбирлива. „Украдени“ ѝ се презаслужените „пет минути“ за изминатите 12 месеца.
„Не присуствував затоа што наместо да бидам наградена за постигнатото во 2018 година, јас бев само пофалена. Зошто не им се доволни моите пет рекорди и мојот напредок и фактот дека сум прва македонска атлетичарка со време под три часа во маратонска трка?“, се прашува Поп Арсова. И со право.

Претседателот Серафимовски го „преживеа“ барањето за доверба

Претседателот на Атлетската федерација на Македонија (АФМ), Крсте Серафимовски, го „преживеа“ гласањето за негова (не)доверба што дополнително беше вметнато како точка на дневниот ред на вчерашното редовно годишно Собрание. За негово останување на функцијата се изјаснија 11 делегати наспроти деветте кои гласаа против. Незадоволство од работата на Серафимовски изразија АК Работнички, АК Пролет, АК Лирија, АК „Ендуранс“, „Најк Клуб Ран“, АК Велес, АК Тиквеш, АК Скок и АК „Шри Чин Мој“ и по гласањето ја напуштија седницата.

Сашко Ѓ. Димовски