Поповски: Мијалков и усно не известуваше за набавки во УБК

Договорите, барањето за понуда, и сертификатите за краен корисник со правното лице „Финзи” за набавка на опрема за УБК се подготвени од Комисијата за јавни набавки и службата во МВР, истакна денеска поранешниот помошник министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски во сведочењето за предметот „Трезор” на Специјалното јавно обвинителство.
Поповски, кој потврди дека документите посочени од обвинителот Артан Ајро се потпишани од него, беше спроведен од затворот Идризово каде ја извршува казната затвор за случајот „Триста“ на СЈО се однесуваше на набавка на 300 возила за потребите на МВР
-Сите набавки за УБК се спроведуваа според член 7 од Законот за јавни набавки односно не бевме должни, набавките за Управата да ги спроведуваме по ЗЈН, поради доверливоста на истите, рече Поповски.
Појаснувајќи ја процедурата за набавка на опрема за потребите на УБК, Поповски рече дека барањата ги добивале по писмен пат со документ, но и со усни барања од тогашниот директор на Управата, Сашо Мијалков, и од началникот во УБК, Горан Грујовски. Потоа посебна Комисија за набавки во МВР ја извршувала набавката.
На прашање на обвинителот Артан Ајро и предочување на доказ потпишан од него, Поповски рече дека тој не го спроведувал посочениот документ со „Гама Интернешенал“ туку дека тоа го изготвила Комисијата за јавни набавки, а тој само го потпишал. Се работи за сертификат за краен корисник.
На прашање и предочување од обвинителот за документ од правното лице „Финзи”, Поповски појасни дека тоа е покана за доставување на понуда, исто така, рече тој, подготвена од правната служба и Комисијата. Поповски потврди дека посочените документи од страна на обвинителот се потпишани од него е дека во неговата кариера во МВР потпишал илјадници такви. Пред судот нагласи дека на некои документи и набавки можно е да не се сети бидејќи, како што рече, се наоѓа во тешка ситуација бидејќи издржува затворска казна.

Во „Трезор“ првообвинет е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ и поранешениот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски.

Тие се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и предизвикување штета на Буџетот во висина од 862.045 евра за набавката на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.