Пономарјов: Македонија цел на можна дестабилизација во пресрет на приемот во НАТО

Македонија трeба да биде подготвена на намерна дестабилизација на ситуацијата од страна на руски играчи во пресрет на можната покана за членство во НАТО доколку спорот со името биде решен, изјави за МИА Иља Пономарјов, пратеник во руската Дума.

Како член на социјал-демократската партија Праведна Русија Пономарјев беше избран за пратеник на парламентарните избори во Русија во 2007 и во 2011 година. Неговиот пратенички имунитет беше одземен во 2016 откако тој замина во САД поради заканите по животот што ги добиваше како единствен пратеник, кој гласаше против присоединувањето на Крим. Следуваа и кривични пријави за наводно незаконско трошење пари во фондацијата Сколково.

Пономарјов во Атлантски совет синоќа учествуваше на панел дискусија посветена на советско-руската шпионажа и извршените атентати во историска перспектива.

– За ситуацијата околу Македонија, познавам една од личностите таму кои очигледно се занимаваат со тоа прашање и убеден сум дека намерно сакаат да ја дестабилизираат ситуацијата во контекст на приемот на Македонија во НАТО, изјави Пономарјов.

Овие ставови треба да се земат сериозно, бидејќи како депутат и претседавач на думската Комисија за иновации и вложен капитал, Пономарјов подолго време е во центарот на случувањата и има лично разговарано со рускиот претседател Владимир Путин во многу прилики.

– Мислам дека тие со сите сили се подготвуваат за тоа преку врски со Србија и со провокации на некои општествени (невладини) организации. Тоа се оние, кои претходно го правеа истото и во Украина и во источна Европа. Тоа се Сергеј Железњак и Александар Бабаков кои се јавуваат како деверливи лица на Кремљ за овој регион, вели Пономарјов.

Железњак, пратеник од редовите на владејачката Единствена Русија и член на Комитетот за меѓународни работи во Думата, фигурираше во истрагата на Црногорското обвинителство за организаторите на неуспешниот пуч во октомври 2016-та. Бабаков е сенатор во Советот на федерацијата и бизнисмен, сопственик на украински ресторани и претпријатија во енергетиката.

Според рускиот пратеник, оваа операција е донекаде координирана институционално, преку државни служби, но во поголема мерка водена е од овие таканречени општествени лица кои од тоа заработуваат добри суми.

Како што беше укажано и на панелот, системот на руското надворешно разузнавање деградира. Во најголема мерка на местото на таа служба денес работат овие приватно – воени групи инфилтрирани преку невладини оганизации или приватни бизниси, како онаа на Константин Малофеев (сопственик на телевизијата „Цариград“), кој ги помага проруските сили во конфликтот во источна Украина.

На панелот настапи и Јуриј Швец, поранешен КГБ оперативец во Вашингтон, кој во 1990-те падна во немилост на руските тајни служби откако пребега во САД и објави книга за неговите активности како советски шпион на резидентура во Вашингтон.

Според него, руското противење на ширењето на НАТО може да води кон дестабилизација на ситиуацијата во Македонија, но вели дека тоа би се правело попретпазливо во споредба со „невештата операција и фијаското во Црна Гора“.

– После одлучната меѓународна реакција со труењето на Сергеј Скрипал со нервен гас и американските санкции поради вмешаноста во изборите во 2016-та, не верувам дека во Македонија ќе следува нешто спектакуларно. Но, руското разузнавање е активно и во постојана координација со светските подземни криминалци, како оние од бразилското, италијанското или српското подземје, изјави Швец.