Помпео: Не може да се постигне мир без спротивставување на Иран

Американскиот државен секретар Мајк Помпео денеска на конференцијата за Блискиот Исток во Варшава, го посочи Иран како главна закана за регионот, порачувајќи дека спротивставувањето на Техеран е клуч за постигнување регионален мир.

– Не можете да постигнете мир и стабилност на Блискиот Исток без да му се спротивставите на Иран, Тоа едноставно не е можно, порача Помпео.

Иран го осуди одржувањето на собирот во Варшава, нарекувајќи го „американски антиирански циркус“.

Русија најави дека нема да присуствува на конференцијата, а на неа не допатува ниту високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини.

Помпео во обраќањето на конференцијата повика на „нова ера на соработка во решавање на блискоисточниот предизвик“, истакнувајќи дека ниту една земја не може да стои на страна.

– САД се залагаат за нова ера на соработка на нашите земји за соочување со тие прашања. Ниту еден од регионалните предизвици нема да се реши сам по себе. Заедно мораме да работиме на воспоставување на безбедноста. Ниту една земја не може да остане на страна, рече Помпео, обраќајќи им се на министрите за надворешни работи од повеќе од 60 земји учесници на собирот.

Конференцијата во Варшава се одржува под покровителство на Полска и САД. На конференцијата, официјално наречена Министерска програма за промовирање на иднината на мирот и безбедноста на Блискиот Исток, присуствуваат и претставници на десетина арапски држави.

Помпео, пред отворањето на конференцијата, се сретна со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој го поздрави учеството на претставниците на арапските земји, наведувајќи дека тоа претставува знак на промена во поглед на приоритетите на регионот.

Израелскиот премиер е единствен шеф на влада, кој присуствува на конференцијата.