Пол Рајан спие на креветче во Капитол Хил


Од сите негови карактеристични особини – релативната младост, љубовта кон чоколатцата „клиф“ за ручек и претераниот интерес за даночната политика – најзначајно може да биде инсистирањето на спикерот Пол Д. Рајан да спие во својата канцеларија во Капитол Хил. Како и голем број други членови на Конгресот, најчесто републиканци, Рајан избира да преспива во својата канцеларија секоја вечер кога Преставничкиот дом одржува седница. Тој го преферира ова повеќе од официјалниот апартман во Капитол кој, како што истакна Рајан, мириса на чад од цигари благодарение на неговиот претходен станар, Џон А. Бонер. Значи, тој спие во својата помала канцеларија во деловната зграда Лонгворт, една од трите згради кои со текот на годините станаа вистински засолништа за членовите на Преставничкиот дом.

За пратениците, изборот е финансиски, практичен и политички. Многумина сметаат дека Вашингтон е прескап за изнајмување станови. Други велат дека тоа им дозволува да работат подолго, без да бидат оптоварени со патување од дома до канцеларија и обратно.Некои, пак, како Рајан, велат дека Вашингтон едноставно не е нивни дом, па зошто да земат некој мал стан и да оставаат неколку вклучени лампи и да се преправаат дека таму живеат?
„Живеам во Џејнсвил, Вис“, изјави Рајан во интервјуто за Си-ен-ен минатиот викенд, мислејќи на неговиот дом во грегоријански стил од 5.000 квадратни метри,локално наречен замокот „Паркер“, бидејќи бил изграден од Џорџ Паркер, основачот на компанијата за пенкала „Паркер“. „Секоја седмица патувам оттаму до работа. Јас само работам овде, но не живеам. Станувам рано наутро. Вежбам. Работам до 11:30 навечер. Си легнувам, а следниот ден повторно го правам истото“, вели тој, па додава: „Всушност, многу повеќе сработувам кога спијам на софата во мојата канцеларија, па затоа и ќе продолжам да го правам тоа“.

Најмалку 50 члена на Преставничкиот дом го прават истото. Никој нема официјална бројка, а многумина не сакаат да зборуваат за практиката што некои други членови ја критикуваа во изминативе години како домување спонзорирано од даночните обврзници. Меѓу овие 50 члена  се наоѓаат и дел од највисоките републикански лидери, Рајан и претставникот Кевин Макарти, републиканец од Калифорнија и мнозински лидер, како и неколку жени.

„Гледав дека момците го прават тоа“, вели претставничката Лин Џенкинс, републиканка од Канзас, која решила да преспива во својата канцеларија пред две години, по неколку мандати поминати во изнајмен стан. „Си купуваш кревет. Потоа купуваш кауч и наеднаш помислуваш: Почнува да ми биде преудобно тука. Не сакам да ми стане преудобно во овој град“.

Рајан повремено престојува кај семејството во Бетесда, кога неговата сопруга и трите деца се дојдени да го посетат. Но, почесто навечер го прави она што го прават повеќето конгресмени што преспиваат во своите канцеларии – останува надвор до доцна на прием или на вечера, се враќа, го отвора каучот и заспива. Тој станува во 6 часот наутро и како повеќето членови што преспиваат во канцелариите, наутро оди во фитнес-салата во облека за вежбање, ги прави утринските вежби и потоа се тушира.Рајан, очигледно, е збунет од интересот предизвикан од тоа што како втор човек по потпретседателот ги мие своите заби во кујнски мијалник во својата канцеларија.

Меѓутоа, златниот медал за спиење во канцеларија е за претставникот Џејсон Чафез, републиканец од Јута, кој веќе трет мандат го практикува ова, од неговото доаѓање во Вашингтон во 2009 година.Прво имал душек на дување, но бидејќи како што вели веројатно е предебел, се будел на подот секое утро. По многу проблеми со душекот на дување, се префрлил на мало креветче кое чини 44 долари, но федерите на тој кревет биле преслаби. Во последно време спие на кревет со душек од „Волмарт“ кој чини 69 долари. Постелнината ја чува во орман, кој има и топла прекривка која е многу важна бидејќи, како што вели тој, греењето во канцеларијата е исклучено од полноќ до 4 часот наутро. Во друг орман чува неколку костуми и остатокот од облеката. Тој, исто така, има и правосмукалка за одржување на канцеларијата и неколку замрзнати пици кои ги подгрева во мала рерна.

„За мене, најголема мотивација се парите“, вели тој. „Имам две деца на факултет“. Тој признава дека оваа пракса не е за сите: „Неудобно е, а и многу осамено“.

Сепак, некои од нив уживаат во осаменоста по цел ден поминат во кавги. „Мене ми се допаѓа“, вели Кристи Ноем, републиканка од Јужна Дакота. „Ако не можам да заспијам, станувам и работам“.Дали сето ова е страшно?„Мајками беше загрижена поради тоа“, вели таа. Всушност, повеќето членови се чувствуваат посигурно со секојдневната присутност на полицијата и екипите за одржување.

Конгресмените ваквата практика ја одржуваат дискретно последниве неколку години. На некој начин таа се смета за еден вид традиција.

„Мојот претходник спиеше на својот кауч 18 години“, рече претставникот Бил Хуизенга, републиканец од Мичиген, кој беше избран во 2010 година, мислејќи на поранешниот претставник Питер Хоекстра, исто така републиканец, чиј кауч сега е во локален музеј во неговата матична држава. „Кога се кандидирав, луѓето ме прашаа три работи: Што ќе направите со прекумерното трошење? Што ќе направите во врска со Обамакеар? Дали ќе спиете на кауч како Хоекстра?“
Оние што ги замислуваат преспивањата како забави во пижами и мислат дека членовите се шетаат по влечки по ходниците ќе се разочараат. Повеќето велат дека пристигнуваат „дома“ по 11 часот, се „нафрлаат“ на купот материјали од  работа и одат право в кревет. Поранешниот претставник Тим Грифин, кој порано спиеше во канцеларијата до таа на Рајан, вели дека малку му недостигаат ноќните прошетки до автоматите со храна.

„Нема ништо подобро од полноќните бисквити со вкус на колбас, или хамбургер кој се прави во микробранова печка“, вели тој. „Сигурен сум дека гурманската „полиција“  би забранила речиси сѐ што има во тие автомати“.

Спиењето во канцелариите сепак не е без ризик. Една конгресменка додека работела доцна една вечер имала неочекуван посетител – глушец. Проблемот бил решен со ставање селотејп на дупката од каде што влегот во канцеларијата.