Полуфинале на ракометното ЕП: „Триколорите“ на мегдан на „фуријата“ и битка за Скандинавија

Европското ракометно првенство влегува во завршна фаза. Денешната програма во загрепска „Арена“ нуди три меча. Први во неа ќе влезат репрезентативците на Хрватска и на Чешка кои од 15,30 ч. во дуел за петтото место на турнирот. Попладневниот термин (18 ч.) е резервиран за Франција и Шпанија кои ќе играат во првото полуфинале, а финалната двојка ќе биде комплетирана вечерва (20,30 ч.) со судирот меѓу Данска и Шведска.

Играта во одбрана ќе решава меѓу Французите и Шпанците

Полуфиналето меѓу Франција и Шпанија го носи епитетот „битка на титаните“ поради славното минато на двете селекции. И со право. „Триколорите“ се актуелни светски шампиони, трикратни европски и вечерва, по шести пат, ќе трагаат по меч за трофеј на ЕП. „Црвената фурија“, пак, е носител на сребрен медал од последниот шампионат во Полска и по осми пат е дел од голема четворка на континенталните смотри.

„Ако се има предвид редот, тогаш ве молам веднаш да ни ја дадете титулата за да не мора да играме“, во шега порача Жилом Жил, асистент во стручниот штаб на францускиот селектор Дидие Динар, алудирајќи на титулите што „триколорите“ ги освојуваат на секои четири години – 2006 година, 2010 година, 2014 година.

„Но, шегата настрана. Ајде да бидеме сериозни Имаме млад тим кој е во фаза на транзиција, тим со млади момчиња кои со игрите досега го привлекоа вниманието и заслужија голем респект. Шпанија, сепак, е чест наш ривал на големите ракометни настани, двете селекции одлично се познаваат меѓусебе и нема простор за изненадување. Шпанците точно знаат што прават, со својата мобилност на теренот внесуваат немир кај противникот и ја казнуваат секоја грешка. Ако кон тоа се додадат и двајцата голмани кои важат за најдобри на светот, тогаш ви е јасно дека нè очекува тежок натпревар“, додаде Жил.

Токму играта во одбрана на Шпанците е детерминирана како клучен фактор за успех против Франција. „Фуријата“, сепак, ја препушта фаворитската улога на „триколорите“ имајќи го предвид дека до полуфиналето стигнаа без пораз.

„Франција го прикажа најдоброто од себе досега на ова првенство. Едноставно знае како да добие меч. Но, за разлика од досегашните настапи по групи, сега е еден натпревар и се е можно. Ние ќе се обидеме да ги искористиме нашите шанси. Имавме два исцрпувачки дуела против Словенија и против Германија меѓутоа се надевам дека успеавме да ја вратиме свежината. Особено оној со германците беше важен за самодовербата и мислам дека одбрата ќе го реши победникот“, возврати шпанскиот селектор, Жорди Рибера.

Данска и Шведска за превласт во Скандинавија

Вториот финалист на ЕП во Хрватска ќе го дадат скандинавските соседи Данска и Шведска. Данците важат за фаворити, но Швеѓаните, според многумина играат подопадлив ракомет, а со оглед дека никој не сака да губи од комшија, тогаш е извесно дека нè очекува одлична претстава за превласт на европскиот север.

„Ова е големо скандинавско дерби. Моментот да се игра против нив е специјален, а кулминација е што мечот е полуфинале на Европско првенство. Очекуваме атомски ракомет со многу интересни ситуации и неизвесност“, нагласи Микаел Хансен кој ужива статус на суперѕвезда во данскиот национален тим.

Шведска, од друга страна, ќе има обврска да ја оправда тежината на селекција со најмногу освоени златни одличја на ЕП. Ги има четири, но последното го освои на првенството во 2002 година на кое беше домаќин.

„Имаме големо потекло и ќе ни претставува чест и задоволство ако одиграме на максимум против Данска. Имав само седум години кога Шведска го освои последното злато на Европските првенства. Од тогаш имам гледано многу документарци за одличната генерација што ја имаме. Се надевам дека повторно ќе играме во финале“, изјави шведскиот репрезентативец, Симон Јепсон.

Денеска на ЕП

За петто место: Хрватска – Чешка (15,30 ч.)
Полуфинале 1: Франција – Шпанија (18 ч.)
Полуфинале 2: Данска – Шведска (20,30 ч.)

Недела на ЕП

За трето место (18 ч.)
Финале (20,30 ч.)