Половина од невработените во Македонија се млади
Продолжува континуираното намалување на невработеноста во државава. Државниот завод за статистика вчера објави дека стапката на невработеност во третиот квартал годинава паднала на историски најниски 22,1 отсто. Тоа е за 0,5 отсто помалку споредено со претходниот квартал. Заклучно со октомври во земјава биле невработени вкупно 211.363 лица, од кои најголем дел биле мажи.
Гледано во бројки, за еден квартал бројот на невработените се намалил за околу четири и пол илјади. Податоците сепак покажуваат дека иако се намалува невработеноста, Македонија сѐ уште високо котира на листата на земји во Европа со највисока стапка на невработеност.
Бројките се алармирачки, посебно кај младите лица. Така, во третиот квартал 49,8 отсто од младите на возраст од 15 до 24 години биле невработени, додека пак невработеноста кај лицата на возраст од 25 до 49 години е 21 отсто. Најмалку невработени, според старосната граница, има кај лицата од 50 до 64 години, каде што невработеноста изнесува 15,9 отсто.
Гледано, пак, според обученоста, половина од невработените се со средно образование, односно вкупно 105.969 лица. Невработени се и 40.591 лица со основно образование, а исто толку или вкупно 40.736 лица од невработените се со високо образование, односно со факултетска диплома.
Според странските инвеститори што работат во Македонија, голем дел од работоспособното население во Македонија не е квалификувано според потребите на пазарот на труд и пред сѐ според потребите на странските инвеститори кои имаат потреба од квалитетен кадар.
Министерот за финансии Драган Тевдовски при презентирањето на буџетот за следната година информираше дека ова е досега најголема сума издвоена за решавање на најгорливиот проблем во општеството – невработеноста.
Согласно податоците објавени на веб-страницата на Министерството за финансии, во споредба со пред две години, планирано е скоро двојно повеќе средства за вработување преку активни мерки на Владата.
Во оваа рамка проектирани се и средства за младинската гаранција, која предвидува одреден период државата да финансира директно пари за бруто-плати на млади луѓе кои завршиле образование и се подготвени да се обучуваат или трајно да се вработат во земјава. Планирани се и две милијарди денари или околу 35 милиони евра за поддршка на домашни и странски компании, што, исто така, ќе придонесе кон отворање нови работни места.
Александра Спасевска