Половина милион Хрвати ги дочекаа своите херои

Незаборавен ден во Загреб и во Хрватска по враќањето на светските вице-шампиони во фудбал во својата татковина. Забавата во нивна чест на плоштадот „Бан јосип Јелачиќ“ траеше цели десет часа, започна околу 12.15 часот и траеше до 21.45 часот. Фудбалерите стигнаа на загрепскиот аеродром во 15.15 часот, но им требаа пет и пол часа да стигнат до центарот на градот, затоа што долж целата рута беа пресретнувани од навивачи, кои им искажуваа почит за огромниот успех. Според проценките на загрепската полиција, долж градот на улиците излегле околу 300.000 луѓе, а на плоштадот се собрале 210.000 граѓани. Градскиот превоз беше бесплатен, а возовите и автобусите од внатрешноста на земјата возеа по симболична цена до Загреб.

„Можеби не станавме светски шампиони, но нашата публика е дефинитивно број еден во светот“, изјави хрватскиот селектор Златко Далиќ.

На бината се пееја патриотски и навивачки песни, а секој од фудбалерите посебно се заблагодаруваше на неверојатниот пречек.

Службите за помош интервенираа преку 500 пати, најчесто поради колабирање. Хрватската радио-телевизија, која го пренесуваше дочекот, за првпат во историјата не го емитираше централниот тв-дневник.