Полицијата ги изнесува демонстрантите од РТС, најавени кривични пријави

На 15-от граѓански протест „Еден од пет милиони” во Белград, демонстрантите вечерва од платото пред Филозофскиот факултет, како што најавија, тргнаа во протестна прошетка, по која ги блокираа влезовите во зградата на Радио-телевизија на Србија, а поголем број демонстранти, предводени од лидерот на движењето Двери, Бошко Обрадовиќ, влегоа во просториите на јавниот сервис, јави МИА од Белград.

Меѓу нив се и Јелена Анасосовиќ, една од лидерите на граѓанските протести, како и лидерот на опозицискиот Сојуз за Србија Драган Ѓилас, пратеничката Маринка Тепиќ и лидерот на Демократската партија Зоран Лутовац.

Во зградата на РТС се слушаа тапани и свирки, како и скандирање „Оставки”. Демонстрантите велат дека нема да ја напуштаат РТС. За време на вториот Дневник на РТС, беше прикажан прилог од протестите, но не и за тоа што се случува во зградата на телевизијата.

Пред и во сaмата зграда на РТС има силно полициско присуство.

– Дојдовме во зградата која им припаѓа на граѓаните на Србија. Дојдовме по три месеци игнорирање на информативната програма. Обезбедувањето на РТС застана на страна на народот и му дозволи да влезе, рече Обрадовиќ, кој додаде дека „нема да го напуштиме РТС додека не се промени уредувачката политика. Ги покануваме граѓаните да влезат во РТС“.

Обрадовиќ и Ѓилас разговараа и со претставникот на обезбедувањето кој побара од нив да го откажат собирот. Тие тоа го отфрлија, а потоа рекоа дека ќе преговораат со уредниците, не остапувајќи од барањата за вклучување во програмата. Обрадовиќ, исто така, рече дека ја видел СМС пораката на генералниот директор на РТС Драган Бујошевиќ дека полицијата ќе интервенира во 21 часот.

Припадници на специјалната полициска единица околу 21,30 часот се распоредија долж ходниците на телевизијата, со цел да се спречат демонстрантите да се качат во другите простории на РТС.

Полицијата ги изнесува демонстрантите од РТС, еден по еден, носејќи ги за раце и нозе, а пред зградата каде има повеќе стотици граѓани струјата е исклучена, а атмосферата е тензична.

Во Палатата на Србија, вонредна конференција одржа министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ, кој истакна дека „државата ќе мора да одговори на ова и секој што ќе го прекрши законот ќе биде прекршочно и кривично гонет“.

– Се случи насилство во многу лоша, тешка форма. Тие го демолираа влезот во РТС, го демолираа приземјето, влегоа внатре. Тие им се закануваа на новинари, користеа насилство насекаде и ова достигна форма до која не смееше да дојде, изјави Стефановиќ.