Политиките на Трамп ќе го поткопаат доларот


Џефри Д. Сакс

ЊУЈОРК – Во 1956 година, тогашниот француски министер за финансии Валери Жискар д’Естен славно изјави дека поволностите што САД ги жнеат од улогата на доларот како главна валута за девизни резерви се „прекумерна привилегија“. Овие поволности се намалуваат со зголемувањето на вредноста на еврото и кинескиот ренминби како конкурентни валути. А сега погрешно насочените трговски војни на претседателот на САД Доналд Трамп и санкциите против Иран ќе го забрзаат оддалечувањето од доларот.

Доларот ги води сите други валути во снабдување со функцијата на парите за меѓународните трансакции. Тој е највредното платежно средство за меѓународна трговија и главен медиум за подмирување меѓународни трансакции. Доларот е главната вредност по која се водат светските централни банки. Федералните резерви на САД се во функција на позајмувач во последен час за светот, како што беше случај со финансиската паника во 2008 година, иако треба да се признае дека грешките на Федералните резерви помогнаа да се поттикне кризата во 2008. Доларот е клучна валута за финансирање, бидејќи е најголемата вредност за позајмување во странство, на државно и бизнис ниво.

Во секоја од овие области, доларот котира далеку повисоко од нивото на Америка во поглед на светското стопанство. САД моментално произведуваат околу 22% од светското производство, мерено според пазарните цени, и околу 15% во поглед на паритет на куповна способност. Сепак, доларот се користи за најмалку половина од прекуграничните фактури, резерви, спогодби, ликвидност и финансирање. Еврото е најголема конкуренција на доларот, а ренминби доаѓа на далечното трето место.

САД имаат три важни придобивки од улогата на доларот како клучна валута. Првата е можноста да позајмува пари во странство во долари. Кога една влада позајмува во странска валута, може да банкротира – тоа не е случај кога позајмувате во сопствената валута. Кажано уште поопшто, меѓународната улога на доларот ѝ овозможува на Државната благајна на САД да позајмува со поголема ликвидност и пониски камаптни стапки отколку кога би позајмувала во друга валута.

Втората предност е во сегментот на банкарството: САД, или попрецизно Волстрит, жнее значителни приходи од продавањето банкарски услуги на остатокот од светот. Третата предност е во регулаторната контрола: САД или директно ги менаџираат или ги ко-менаџираат најважните системи за спогодби во светот, што им дава клучен начин за мониторинг и ограничување на протокот на средства поврзани со тероризам, трговија со трога, нелегална продажба на оружје, даночна евазија и други нелегални активности.

Сепак, овие поволности зависат од тоа САД да понудат висококвалитетни монетарни услуги на остатокот од светот. Доларот се користи насекаде бидејќи е најповолна, најисплатлива и најбезбедна валута на светот, медиум за размена и за чување резерви. Меѓутоа, не е незаменлив. Монетарното водство на Америка нагло опадна во изминативе години и погрешното водство на Трамп би можело да го забрза крајот на превласта на доларот.

Поради лошо фискално и монетарно управување во доцните 60-ти години на 20. век дојде до разнебитување на системот за девизен курс Бретон Вудс базиран на доларот, во август, 1971 година, кога администрацијата на претседателот Ричард Никсон едногласно се откажа од правото на странските централни банки да ги повлечат нивните долари во злато. По разнебитувањето на системот базиран на доларот следеше еднодецениска висока инфлација во САД и во Европа, а потоа брза и скапа дефлација во САД во почетокот на 80-тите. Превирањето на доларот беше клучен фактор Европа да се мотивира и да тргне на патеката кон монетарна унификација во 1993 година, што кулминираше со лансирање на еврото во 1999 година.

Исто така, бидејќи Америка лошо се справи со азиската финансиска криза во 1997 година, Кина се убеди да почне со интернационализирање на ренминбито. Глобалната финансиска криза во 2008 година што почна на Волстрит и брзо се рапири низз светот како што секнуваше меѓубанкарската ликвидност, повторно го поттурна светот подалеку од доларот и поблиску кон конкурентните валути.

Сега, незрелите трговски војни и политики на санкционирање на Трамп речиси сигурно ќе го засилат ваквиот тренд. Како што Брегзит го поткопува Град Лондон, политичката и трговска девиза на Трамп „Америка на прво место“ ќе ја ослабне улогата на доларот и со тоа и улогата на Њујорк како глобален финансиски центар.

Од сите меѓународни економски политики на Трамп, најлошо смислени и со најголеми последици ќе бидат трговската војна со Кина и обновените санкции за Иран. Трговската војна е невешт и речиси неразбирлив обид на администрацијата на Трамп да го заузда економскиот подем на Кина со тоа што ќе го забави извозот на земјата и нејзиниот пристап до западната технологија. Но, иако царините и трговските бариери на САД можеби ќе направат краткорочна штета на растот на Кина, истите нема убедливо да ја сменат неговата долгорочна нагорна траекторија.

Поверојатно е дека ќе ја засилат одлучноста на Кина да побегне од оваа континуирана делумна зависност од трговијата и финансиите на САД и да ги наведе кинеските власти двојно да се заангажираат за зголемување на воената сила, масивните инвестиции во најнови технологии и создавањето на глобален платежен систем базиран на ренминби како алтернатива за системот базиран на доларот.

Повлекувањето на Трамп од нуклеарниот договор со Иран од 2015 година и новото наметнување санкции против Исламската Република би можело да се покаже подеднакво влијателно во поткопувањето на меѓународната улога на доларот. Санкциите против Иран директно се косат со глобалните политики кон земјата. Советот за безбедност на ОН едногласно гласаше да се поддржи нуклеарниот договор и да се обноват трговските односи со Иран. другите земји, предводени од Кина и ЕУ, сега активно ќе бараат начини да ги заобиколат санкциите на САД, односно да го заобиколат платежниот систем базиран на доларот.

На пример, германскиот министер за надворешни работи Хеико Маас, неодамна изјави дека Германија е заинтересирана да основа европски платежен систем независен од САД.

Неодложно треба да ја зајакнеме европската автономија со создавање на платежни канали што се независни од САД, еден Европски монетарен систем, независен СВИФТ систем“, рече Маас.

(СВИФТ е организација што управува со глобалниот систем за размена на пораки за меѓубанкарски трансфери.)

Засега, бизнис лидерите од САД застануваат на страната на Трамп кој ги опсипува со даночни олеснувања и укинување на регулативи. Иако буџетскиот дефицит расте, доларот е сепак стабилен краткорочно гледано, а намалувањето на даноците ја зголеми стапката на потрошувачка и ги покачи каматните стапки во САД, што за возврат влече капитал од странство. Сепак, за неколку години, разузданите фискални политики и немарната трговија и санкции на Трамп ќе го поткопаат американското стопанство и улогата на доларот во рамки на глобалните финансии. Колку време има додека светските бизниси и влади не се упатат кон Шангај наместо на Волстрит за да ги циркулираат нивните обврзници?

Џефри Д. Сакс е професор по одржлив развој и професор за политики и менаџирање во областа на здравството при Универзитетот на Колумбија, како и директор на Центарот за одржлив развој при Колумбија и Мрежата на решенија за одржлив развој на ОН.