Политиката и пријателствата: Другар ти, бе!


Ило Трајковски

Во последните десетина години  многу патував надвор од земјата. Често пати и на подолго време. При секое враќање назад, иако социолог, се исчудував на брзината со која се одвиваа промените. Не толку од материјалните аспекти на променетиот изглед на нашите градови и села, на патиштата и сл. Архитектурата е важна, но таа е само материјален израз на идеите и вредностите од кои се водат луѓето во своите меѓусебни односи, а пред сè, односите на моќ. Многу повеќе ме замислуваат промените во функционирање на институциите кои произлегуваат од промените во меѓучовечките односи и пред сè, од промените во пријателските и другарските односи. Промислувањето на крупните промени од оваа перспектива има за цел да ја истакне заслугата на секој од нас за она што се случува на политички и пошироко, на општествен план.

Поимите другар/ство и пријател/ство означуваат, секако, различни нешта. Но, овде немам за цел да правам детална таксономија на највозвишените форми на меѓучовечки врски (Грајлинг). Другарството и пријателството се меѓучовечки врски засновани врз доверба и увереност на другарите, пријателите во доследноста на својата меѓусебна добронамерност. Затоа Аристотел ќе рече дека ако има пријателство нема потреба од правда. Правдата е концепт за односи помеѓу луѓе што можеби и не се непријатели, но дефинитивно не се пријатели.

Според некои антрополошки согледувања, децата се отворени за пријателство кон кого било независно од потеклото, бојата, висината, дебелината… Значи, како чисто човечка релација пријателството нема граници. Но, во стварноста пријателствата се ограничени и затворени. Се прават и се растураат. Тоа значи дека некои други сили ги поставуваат пријателствата. Меѓите на другарството и пријателството ги поставуваат околностите во кои тие се склопуваат  и опстојуваат. Тоа е оној фантомски феномен наречен општество, средина, односно другите луѓе. Другите луѓе поставуваат граници на нашите пријателства со други.

На ова особено силно ме потсетува исказот: Другар ти, бе! Него најчесто го упатуваат пријатели или другари со кои во некое друго време сме имале некој заеднички другар. Целта на оваа фраза е да каже дека веќе не е така. Пријателскиот круг се стеснил или се препорачува негово стеснување. Оној што ја искажува оваа фраза кажува дека меѓу него и отсутниот „пукнала тиквата“.

Во најголемиот број случаи кога ми била упатувана оваа критика, станувало збор за политички мотивирани разидувања. Не е дека во еден момент едниот тргнал лево, другиот десно. Тие и претходно биле така построени. Но, до одреден момент нивните политички ориентации биле помалку важни. Другарството и пријателството биле посилни од политичките разлики. Во новонастанатата ситуација другарот „другар ти, бе“ е веќе поранешен. Синдромот од името на државата ни се пренесува и во меѓучовечките релации. Многу поранешни пријатели меѓу предавството на земјата (или на партијата) и предавството на пријателот се решиле за предавство на пријателите. А што е земјата без пријатели! Затоа, Жак Дерида е во право кога тврди дека пријателството, иако ни се покажува и го уживаме како  приватна работа, тоа самото има своја политика. Политиката на пријателството е токму во тоа да биде прикажувано и одржувано како приватно, а не како јавно нешто. Тоа значи дека јавното обзнанување („другар ти, бе“) дека некое пријателство „пукнало“ има своја политичка функција.

Според гледањето и на двајцата поранешни пријатели, ни јас веќе не би можел да останам другар и со едниот и со другиот. Нема независни! Нема неутрални! Ама, чекај пријателе! Па, тој ни е заеднички пријател. Заедно тројцата бевме ваму, бевме таму, направивме ова, направивме она, мислевме вака, мислевме онака… Да, ама тоа не било вистинско пријателство, вели. Сменет е човекот. Ќе го видиш. Не си тука, па не знаеш што се случува овде. Хаос!

Да. Навистина! Многу работи што се случуваат во нашето потесно или пошироко опкружување се хаотични. Во однос на нив како единки се чувствуваме немоќни што било да направиме за да ги пренасочиме. Но, и најдолгите маршеви – како што се нашите животи – започнуваат со ситни, скромни чекори. И најкрупните политички процеси почнуваат и се остваруваат најпрво како промени во меѓучовечките односи, во односите со познајниците, со пријателите, со другарите. Токму преку тие промени ние како конкретни личности се покажуваме како креатори не само на нашата лична биографија туку и како креатори на историјата на нашиот град, на нашиот регион, на нашата партија, професија, нација, на нашиот род човечки.

Големите проекти за повеќе демократија, за правда за подобар живот или за нова ера во Македонија најчесто не успеваат затоа што стремат кон облаците, кон државните и националните интереси, газејќи врз елементарните човечки работи. А тие, исто како  и партиите, компаниите, факултетите, браковите и семејствата, кафеаните, спортските клубови и здруженија и сите други, таканаречени општествени појави или творби се засновани врз различни форми на меѓучовечки односи. Во меѓучовечките односи се генерира т.н. социјален капитал. Тој стои во основата на секоја од споменатите и други општествени институции. Познатиот американски политиколог од италијанско потекло Роберт Патнам, на пример, покажа дека различните нивоа на економска развиеност и воопшто на благосостојба помеѓу италијанските региони се силно поврзани со степените и формите на социјален капитал со кои располагаат. А за ваквата важност на социјалниот капитал и добрите меѓучовечки односи сведочат и политиките и програмите на Светска банка, ОЕЦД и други во однос на прашањата поврзани со нив. Дел од тие програми  допираат и до кај нас (феноменот на т.н. „тим билдинг“ е еден пример).

Тие се насочени кон ублажување на негативните последици кои врз позитивниот социјален капитал и добрите меѓучовечки односи ги имаа и ги имаат политиките за приватизација (капитализација) на националните (економски и политички) ресурси. Тие политики доведоа до нарушување на меѓучовечките односи и ерозија на старите форми на социјален капитал. Најдобар показател за тоа се констатациите дека „денес веќе нема луѓе“ и уште помалку пријатели и дека „секој гледа да те искористи“. Не станува збор за буквално исчезнување на луѓето, туку за исчезнување на востановените форми на човечност и меѓучовечка комуникација.

На местото на конкретните пријателства никнуваат виртуелни „фејсбук“ пријателства. Пријателите се претворија или во лајкачи или во хејтери. Пријателството веќе не е приватна работа туку политичка декларација. Јавно се обзнанува дека е склопено ново или е раскинато некое старо пријателство. За тоа се известува на социјалните мрежи, но и на автосообраќајната сигнализација – како, на пример, за новосклученото пријателство меѓу премиерите Заев и Ципрас, со преименувањето на автопатот „Александар Велики“ во „Пријателство“.