Познати датумот и времето на одигрување на „Ел Класико“

Ла Лига официјално го објави датумот и времето на одигрувањето на „Ел Класико“ помеѓу тимовите од Барселона и Реал Мадрид. Денот е 6 мај, а времето е 20:45 часот по македонско време, а дуелот од 35-тото коло ќе се игра на „Камп Ноу“.

Двата тима ќе имаат само три преостанати натпревари во првенството по меѓусебниот судир. Веројатно дотогаш каталонците веќе ќе ја имаат обезбедено титулата.

Но, пред неколку дена, тренерот на „белите“, Зинедин Зидан, категорично изјави дека неговите играчи нема да прават шпалир на својот заколнат непријател.

„Кралскиот клуб“ ќе го одигра реванш-дуелот од полуфиналето на Лигата на шампионите против Баерн Минхен едвај пет дена пред „Ел Класико“, додека „сино-црвените“ ќе имаат подолга пауза пред натпреварот.

Есенското издание на дуелот заврши 3:0 во корист на Барса, но во самиот почеток на сезоната, Реал го освои Суперкупот на Шпанија токму против овој ривал со вкупен резултат 5:1.