Поднесено обвинение за обид за изнуда

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против лице дека сторило кривично дело – Изнуда, предвидено и казниво согласно член 258 став 2 во врска со став 1 и во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.
Како што соопштуваат од ОЈО-Скопје, обвинетиот во текот на ноември и декември 2018 година, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, упатувал сериозни закани преку телефон на оштетена, тврдејќи дека поседува документи со кои би можел да го извади од притвор нејзиниот сопруг.
 -За да и ги достави тие документи, осомничениот од неа барал да му исплати сума од 150 илјади евра, а истовремено и се заканувал дека доколку пријави ќе постави бомба и дека „ќе биде лошо за неа и за нејзините внуци“. Оштетената не му го исплатила бараниот износ и тој не успеал да ја реализира намерата, стои во соопштението.

За обвинетиот на сила се претходно определените мерки за претпазливост: забрана за напуштање на живеалиштето/престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, како и забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица, наведуваат од ОЈО Скопје.