Поголема цевка ќе донесе вода на високите згради во Аеродром и Кисела Вода

Промена на водоводна цевка која ги поврзува општините Аеродром и Кисела Вода ќе го реши проблемот со водоснабдувањето на високите зони во овие општини. Градоначалникот Петре Шилегов и директорот на „Водовод и канализација“, Душко Весковски, вчера информираа дека прекините во водоснабдувањето во повисоките згради во овие делови од градот, особено во летниот период, ќе бидат минато.

„Непланскиот развој и нејзината брза урбанизација, за жал, не ги следеше и изградба на соодветна инфраструктура. Токму поради тоа во изминатиот период граѓаните на општина Аеродром и дел од Кисела Вода имаа проблем со водоснабдувањето. Со поставување на цевка со поголем пречник, очекуваме во целост да им ги решиме проблемите со прекините во водоснабдувањето на жителите во општина Аеродром и Кисела Вода, особено на тие што живеат на погорните катови на висококатниците во Аеродром“, истакна Шилегов.

Тој додаде дека ќе се заложи за одговорно планирање на урбанизацијата на градот во иднина, бидејќи во 21 век сите граѓани мора да имаат вода заради нормално функционирање.