Погба го искритикува Мурињо, без да го спомне неговото име

Колку и да тврди Жозе Мурињо дека не е во конфликт со најскапиот фудбалер на тимот, Пол Погба, однесувањето на Французинот издава нешто сосема поинакво. Ова стана очигледно во интервјуто на играчот од средниот ред со англиските медиуми утринава.
Во него тој зеде став за изјавата на Специјалниот веднаш по киксот дома против Вулверхемптон, дека неговиот тим не заслужувал да победи, бидејќи дозволил премногу дефанзивни грешки.
Без да го именува Португалецот, Погба упати критики кон него во пасивно-агресивен стил.
– Играчите не се виновни за ништо. Дома мораме да напаѓаме, напаѓаме, напаѓаме. Господе, тоа е „Олд трафорд“. Ние сме на овој стадион, за да напаѓаме. Противниците се плашат кога гледаат како Јунајтед напаѓа во својот дом. Само тоа беше нашата грешка, дека не напаѓавме постојано, изјави Французинот.
Тој додаде дека не е човекот кој треба да им објасни зошто не напаѓале во овој натпревар и што ги запира како целина.
– Не сум менаџерот јас за да ви го дадам овој одговор. Јас сум само фудбалер. Но, не сум јас тој кој го запира Манчестер Јунајтед, изјави Погба и одговори во сличен стил, а и со провокативна насмевка, на прашањето дали навистина имало доволно темпо во играта на тимот: „Очигледно е дека треба да побараме различни опции, различни изведувачи. Но, моето разбирање за играта е тоа – треба да играме со повеќе брзина, да се движиме повеќе добро“.