Повторно одложена седница на косовскиот Парламент

Косовскиот Парламент и по денешниот трет обид не успеа да го ратификува Договорот за демаркација на границата со Црна Гора.

Само што почна, со задоцнување од неколку часови, дадена беше пауза по што беше соопштено дека координаторите на пратеничките групи, се договориле седницата да се одложи за следната недела, за да им се даде простор да размислат околу нивниот став, Движењето Самоопределување и Српска листа.

За одлагање на седницата се согласиле сите парламентарни групи, вклучително и Самоопределување, но се уште не се знае дали пратениците на овој политички субјект ќе гласаат за договорот.

– Се дознава дека пратениците на Српска листа се убедиле и ќе гласаат на следната седница за договорот за демаркација, така што сега останува само Самоопределување, кое не го менува ставот за договорот, објави електронското издание на приштинскиот весник „Газета експрес“.