Повик за дизајнери, програмери и софтвер тестери за добротворен хакатон

Објавен повик за дизајнери, програмери и софтвер тестери за хакатонот „KindHack“ кој ќе се одржува на 22 и 23 септември во просториите на Симфони солушнс во Скопје.

„Oвој 48-часовен предизвик има за цел да собере и поттикне млади, креативни и иновативни луѓе да изработат демо или готови софтверски решенија, со цел олеснување на секојдневните предизвици со кои се соочуваат невладините организации. Хакатонот е отворен за сите креативни индивидуалци и тимови кои имаат желба да работат на ваков проект, а имаат и познавања од областа на развој на софтвер“, соопштуваат организаторите од Симфони солушнс.

Сите заинтересирани невладини организации и институции од Скопје и пошироко, кои имаат идеја за проект за кој им е потребнo ИТ познавање, да аплицираат со своите проекти до 24 август.

Повикот е отворен за сите заинтересирани програмери, дизајнери и софтвер тестери, а предвидено е секој тим да се состои од четири до шест учесници. Тие може да аплицираат до 12 септември.

За време на дводневниот хакатон, сите учесници треба да креираат демо или готови софтверски решенија.

Ова ќе биде четвртиот по ред добротворен хакатон, во организација на Симфони Солушнс. Првиот хакатон беше организиран во 2014, вториот во 2016, а третиот во март, 2018.