Плаќајте ги сметките со „Мастер кард“ на мобилен

Комерцијална банка ја активираше најновата апликација „KomPay“, преку која се овозможува бесконтактно плаќање на продажните места. Станува збор за апликација наменета за физички или правни лица што се корисници на „Мастер кард“ платежните картички, а кои поседуваат мобилен уред со Андроид оперативен систем. Откако апликацијата бесплатно се презема на „Google play“, потребна е регистрација, се одбира ПИН и се дигитализираат картичките. До 30 април, корисниците можат да го искористат промотивниот период и бесплатно да дигитализираат до две „Мастер кард“ картички. Потоа, една картичка ќе се наплаќа еднократно и ќе чини 150 денари. Со „KomPay“ може да се плаќа на сите продажни места каде што има терминал за бесконтактно плаќање. Главната поента е дека плаќањето може да се изврши, дури и во случај кога ќе го заборавите паричникот сосе картичката во него.

„Со помош на NFC технологијата за плаќања, мобилната пликација станува ‘мобилен паричник’, кој ќе им обезбеди на корисниците побрзо и поедноставно плаќање“, вели Маја Стевкова Штериева, главен финансов директор на Комерцијална банка.

Од банката тврдат дека картичката ќе биде безбедно дигитализирана и ќе му биде достапна само на корисникот, плаќањето ќе може да се изврши за само една секунда, а при тоа не мора да има ниту интернет конекција.

„Со задоволство можам да соопштам дека Комерцијална банка ќе донира еден денар со секоја успешна трансакција направена со ‘KomPay’ во промотивниот период, а средствата кои ќе се обезбедат ќе бидат донирани на двата Младинските центри ‘Сакам да знам’ во Шуто Оризари и Водно, а со нив раководи Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување Х.Е.Р.А. во партнерство со Здравствен дом Скопје. Се работи за првите и единствени центри во Скопје, отворени во 2006 година, кои нудат бесплатни здравствени услуги и советување за младите и социјално маргинализираните лица, по принцип на доверливост и неосудување. Оваа навистина благородна мисија, Комерцијална банка веќе две години финансиски ја поддржува. На овој начин, се надеваме дека заедно со нашите клиенти и партнери ќе обезедиме дополнителна финансиска помош и ќе овозможиме уште подобри услови за соодветна грижа и советување за оваа исклучително важна категорија на млади лица“, истакна Стевкова Штериева.