„Пиво фест“ со домашни и регионални ѕвезди

Марко Слаткаристика го носи Шабан Шаулиќ на Пивофест во Прилеп. Неговата агенција „Ентфинити“ и градоначалникот на Прилеп  Илија Јованоски најавуваат весела атмосфера, на која ќе пејат и Жељко Јоксимовиќ,  Дарио,  Црвена јабука, Џенан Лончаревиќ.

Но, ниту градоначалникот, ниту агенцијата, не ги кажуваат хонорарите што ќе ги добијат турбо фолк ѕвездите од Балканот.

За четири дена забава, според финансиската конструкција на организаторот, ќе бидат потрошени од 150 до 200 илјади евра. Прилеп од касата ќе извади нешто над 40 илјади евра општински пари, другото се собира од компаниите како спонзорства и донации.

„Како општина сме подготвени и сме горди за годинешното издание на фестивалот на пивото во Прилеп. Сакаме, знаеме и можеме ова да го направиме“, вели Илија Јованоски – градоначалник на Прилеп.

Иако порано ваквите забави и трошењето народни пари на скапи турбо фолк пејачи од Балканот, беше критикувано од тогашната опозиција, сега градоначалникот Јованоски вели дека е грев да се прекине. Во телефонскиот разговор ни рече дека агенцијата  Ентфинити е избрана на конкурс да го организира Пивофест и дека тие ги бирале пејачите. Тој не знае колкав е хонорарот на Шабан Шаулиќ и на останатите гости.

Од агенцијата, пак, велат дека имаат договор со продукциите на пејачите и не смеат да ги кажат нивните хонорари пред почетокот на Пифовест. Но најавија целосна отчетноста по завршувањето на манифестацијата.

Пивофест ќе почне на 12, а ќе заврши на 15 јули. До сега таму пееја речиси сите турбо фолк ѕвезди од Балканот како Цеца, Халид Бешлиќ, Саша Ковачевиќ, Аца Лукас. Манифестацијата има многу приврзаници но и многу критичари кои сметаат дека со турбо фолкот се претвора во панаѓур..