Пеце Талески, продукција ОХО: Со „Преспав“ ќе го освојуваме регионот
Телевизиската серија „Преспав“ во вторник, 26 декември, ќе почне со емитување на втората сезона на „Телевизија 24“ во 19, а репризите ќе бидат во 22:30 часот. Овој македонски ситком за пансионот „Преспав“ предизвика голем интерес кај македонската публика и со нетрпение се очекува продолжението. Режисер на серијалот е Игор Иванов-Изи, а како продукција зад овој проект стои продукцијата ОХО, на чело со извршниот директор Пеце Талески. Со него разговараме повеќе околу втората сезона, процесот на работа и кои се нивните очекувања од публиката.
Почнува втората сезона на „Преспав“, како се одвиваше процесот на подготовка? Што научивте досега како продукција?
Од ова дистанца изгледа едноставно, но сепак „Преспав“ проби многу имагинарни граници и препреки во Македонија, претходно постоеше став дека невозможна мисија е тука да се сними добра ситком-серија, дека нема пари, сценарија, сценаристи, актери, т.е. дека нема продукција која може тоа да го направи. Со првата сезона на „Преспав“ покажавме дека е можно, а втората ќе го потврди со уште подобри епизоди. Така што како продукција со „Преспав“ понудивме комуникациски модел, покажавме дека е можна серија која има хумор, квалитетна продукција, одлични актери и дека како содржина може да му понуди поинаква перцепција на македонското општество. Второ, со „Преспав“ понудивме продукциски модел како да се направи ТВ-серија кај нас, а со втората сезона покажавме дека таков вид продукција може да биде финансиски одржлив, што значи дека може да се финансира со комерцијални спонзори. Воедно, „Преспав“ има перспектива надвор од Македонија, ќе се емитува на територијата на поранешна Југославија и во Бугарија, тоа се некои 25 милиони публика, што не е лошо. Тоа е огромно достигнување како медиумски и културен производ. И, сепак, да не заборавиме дека ОХО како продукција веќе 10 години ја работи емисијата „5 плус“, која беше одлична подготовка за „Преспав“.
Ќе се емитува на „Телевизија 24“, во кој термин?
Премиера во вторник и во среда од 19, реприза е истата вечер во 22.30 часот, како и секоја сабота и недела со викенд-маратон со „Преспав“ и, се разбира, после секоја премиера ќе ја има на јутјуб-каналот на „Преспав“.
Колку епизоди ќе погледнат гледачите во втората сезона?
Стандардно, ваков вид серии се снимаат во 16 и 24 епизоди, ние за втората сезона се решивме за 20 епизоди, така што досега се продуцирани 60 епизоди на „Преспав“.
Има една промена во актерската екипа, на местото на Владо Јовановски доаѓа Игор Џамбазов, дали е ова единствената промена во однос на постојаните ликови во приказната?
Процесот на работа на серија е многу динамичен, во „Преспав“ досега се појавија над 100 лика, а со тоа и актери кои се дел од животот во „Преспав“, од кои 10 се главни ликови, што значи влегувањето и излегувањето на актерите е некако нормален процес од снимање на серии кои продолжуваат во неколку сезони. Битно е постојано да се има подобрување. „Преспав“ со Игор Џамбазов доби многу, а тој покажа зошто е еден од најпопуларните актери кај нас.
„Преспав“ доживеа голем успех со првата сезона, каков фидбек очекувате сега?
Втората сезона во сите аспекти е подобра од првата, и во сценаријата каде што покрај Елеонора Венинова и Сашо Кокаланов, работеа двајца одлични сценаристи од Бугарија, Делјана Манева и Алек Попов, плус Александра Миланова, талентирана млада сценаристка, актерската екипа посамоуверена, одлична. Ако серијата е добра, а „Преспав“ е тоа, тогаш по дефиниција актерите стануваат ѕвезди, што ми е особено драго затоа што сите ја искористија шансата и докажаа дека се работи за извонредни актери. Публиката ќе се забавува добро наредниве месеци со „Преспав“. Хуморот секогаш успева, ама е тешко да го најдеш, мислам дека со „Преспав“ успеавме. Во оваа професија едно од најтешките прашања е на што луѓето се смеат, и затоа хуморот е еден од најблагородните облици на човековото дејствување. Серијата „Преспав“ зборува за животот во Македонија, и е смешна затоа што се смееме на самите себеси, изгубени и временски и цивилизациски, лутаме и никако да видиме светилник, и околу нас и во нас. Сите ликови се комични, ама кога ќе ги видиме подетално, се трагични, неснајдени, во расчекор и со себеси, и со времето, и со вредностите околу нив. Метафората во „Преспав“ со Македонија е дека треба да ги направат пансионот и државата по сите европски стандарди, а не им оди, не можат, затоа што не можеш да ги смениш светот, државата, заедницата, луѓето на кои им припаѓаш, ако не се смениш себеси. Затоа Витгенштајн вели дека единствено можеш да се смениш само себеси, за да ги смениш нештата околу тебе.
Дали целите што ги имате зацртано ги постигнавте?
Уште со првата сезона стигнавме до тоа што беше цел, но кога работиш серии, проблемот е дека се натпреваруваш со самиот себеси, наредната сезона мора да биде подобра од претходната, и како Сизиф, стигнуваш на врвот и пак се враќаш на почеток . Оваа сезона фокусот ќе биде „Преспав“ да профункционира во регионот, мислам дека како серија „Преспав“ има капацитети за тоа. Сепак, тука има и други прашања, јазикот, културни различности, политички моменти итн. Мислам дека ќе биде во ред, а искуството со емисијата „5 плус“, која ја работиме на македонски, албански и на словенечки јазик, е драгоцено искуство.
Ивана Настеска