Пет спортски минуси во македонскиот спорт во 2018 година

1. ФК Вардар го загуби тронот, се дави во долгови и доби условна суспензија од УЕФА

Вардар ја почна и ја заврши годината во подредена улога на Шкендија во домашното првенство. „Црвено-црните“ ја загубија битката за титулата со тетовци во сезоната 2017/18 и во минус се и во тековното издание на Прва лига. Во меѓувреме имаа и кус престој во Европа (елиминирани од Пјуник) и западнаа во финансиски проблеми, па поради неколкуте неисплатени плати и премии добија и условна суспензија од УЕФА, но и рок до 31 јануари да ги подмират сите обврски кон фудбалерите и тренерите за симнување на мерката.

2. ЖРК Вардар од учесник на Ф4 во ЛШ до бришење од европската ракометна карта

Незавидната финансиска состојба во спортското друштво Вардар први ја почувствуваа ракометарките. Женскиот клуб од редовен учесник на завршните турнири во Лигата на шампиони се сведе на локални рамки. По четвртото учество на Фајналфорот во Будимпешта, сите интернационалки добија зелено светло од управата да побараат нови средини. Екипата му е доверена на Симе Симовски, кој и селекторува во репрезентацијата, кој на располагање доби млад тим со единствена амбиција – да биде шампион во домашната сцена.

3. Кошаркарите на МЗТ Скопје го загубија статусот во елитната АБА конкуренција

Македонија остана без свој претставник во елитното друштво во кошаркарската АБА лига. Екипата на МЗТ Скопје не успеа да се спаси од испаѓање и 2018 година ја завршува како второлигаш меѓутоа и со надеж дека ќе успее експресно да се врати на големата сцена во регионот. ако се има предвид моментниот пласман на табелата, не треба да има проблем, најпрво, да заврши како дел од најдобрата четворка, а потоа и во плејоф пресметките за ранг погоре. Но, дотогаш има уште многу време и доста за играње со оглед дека такви амбиции има пола лига.

4. Одбојкарите вратени од Медитеранските игри во Тарагона поради недисциплина

Непријатна вест пристигна од Тарагона кон крајот на јуни во оваа година. Машката одбојкарска репрезентација беше вратена од Медитеранските игри поради недисциплина во комплексот по завршување на своите настапи во групната фаза. На малото опуштање, како што беше наведено во таа прилика, се пожалиле претставници на дел од останатите делегации по што одбојкарите предвреме се спакуваа. Националниот тим мина неславно и на терен и учеството во настанот го заврши со два пораза во групата Б, од Египет со 2:3 и од Шпанија со 0:3.

5. Македонија со маргинална улога и на Игрите во Пјонгчанг

Македонија имаше тројца претставници на зимските олимписки игри во Пјонгчанг кои имаа, како што и се очекуваше, маргинална улога. Антонио Ристевски, кој беше најголем адут, не успеа да го повтори успехот од Сочи (29 место во велеслалом) и во Јужна Кореја остана без пласман и во слалом и во велеслалом. Во две дисциплини беше пријавен и знаменосецот Ставре Јада. На 15 км. слободен стил беше 99-ти во конкуренција на 116 натпреварувачи што ја завршија трката, но остана без пласман во спринтот. Младата Викторија Тодоровска, пак, го освои 85. место од 90 крос-кантри скијачки на 10 километри слободен стил.