Пет навивачи на Вест Хем добија доживотна забрана за влез на стадионот

Англискиот премиерлигаш Вест Хем денеска изрече доживотна забрана за влез на стадионот за пет навивачи поради симнување на теренот за време на натпреварот против Барнли минатиот викенд.

Во исто време, на неколкумина други навивачи времено ќе им биде оневозможен престој на „Олимпискиот стадион“ поради фрлање монети кон клупското раководство на „чеканите“.

Вест Хем беше убедливо поразен од Барнли со 0:3 што предизвика револт кај фановите, но потпретседателот на клубот Карен Брејди изјави дека и во иднина нема да има толеранција за слични инциденти.

„Ние имаме нулта толеранција за било каква форма на насилство и обид да се загрози нечиј животот. Посветени сме на обезбедување на безбедноста и удобноста на секој навивач кој доаѓа на нашиот стадион“, се вели во соопштението на Вест Хем.

Вест Хем во моментов е на само два бода над зоната за испаѓање.