Персоналецот ќе има и трета стапка од 15 отсто?


Министерството за финансии доцни со новата регулатива за оданочување на личните примања. Предлог-верзијата за новиот закон за персонален данок на доход никако да дојде до Националниот регистар на прописи ЕНЕР. Министерот за финансии Драган Тевдовски во повеќе наврати најави дека јавната дебата за прогресивното оданочување ќе почне откако во мај граѓаните и компаниите ќе ги видат решенијата. Неофицијално, доцнењето се должи на преокупираноста на јавноста со политичките случувања, но бизнисмените веќе забележуваат дека свртувањето кон финансиите би требало што побрзо да се случи, ако примената на новите даночни стапки треба да стартува од почетокот на 2019 година.

„Ние во бизнисот бараме информации предвреме. Еве, помина половина година, како ќе ги правиме билансите, бизнис-плановите? Зарем пак ќе се враќаме на времињата кога преку ноќ се носеа закони“, реагираат од бизнис-заедницата.

И во недостиг на официјална верзија за новите решенија кај персоналецот, јавно се врти работна верзија на законот, која предизвика дополнителни недоумици. Зашто министерот Тевдовски досега нема спомнато дека се разговара не само за две стапки на персоналец, од 10 и 18 отсто, туку и за трета стапка, која според достапните документи е 15 отсто.

Експертите вклучени во работниот тим, кој патем не се состанал од март, велат дека тоа значи дека се одвојуваат две категории лични примања – доход од работа што се оданочува прогресивно и доход од капитал што се оданочува со единствена стапка од 15 отсто.

Поконкретно, за доходот од работа, доходот од самостојна дејност, од авторски и сродни права и доходот од продажба на сопствени земјоделски производи, данокот на доход се плаќа по прогресивни стапки и тоа, за доход 720.000 денари годишно, или 60.000 месечно, се плаќа данок од 10 отсто. На износот над 720.000 денари се плаќа 18 отсто персоналец.

„Треба да внимавате дека ова е бруто-износ. Значи, границата над која се пресметува повисоката стапка не е 60.000 туку 54.000 денари месечно“, вели нашиот извор, кој не може да потврди дали ова е конечна верзија на предлог-законот.

Новата категорија примања за кои се воведува единствена стапка од 15 отсто е доход од права од интелектуална сопственост, од закуп и подзакуп, од капитал и од капитални добивки, од добивки од игри на среќа, приходи од осигурување.

Тука посебно се интересни каматите на заштедите, кои досега беа ослободени од оданочување. Според верзијата на законот што неофицијално се пласира, граничникот кај каматите е ставен на 15.000 денари годишна камата. Што значи на износ до 15.000 денари камата годишно не се плаќа данок, туку само на износот над граничникот, по стапка од 15 отсто.

Оданочувањето на каматите не би стартувало од 2019 година, туку една година подоцна, во 2020, вели нашиот извор. Дали ќе има оданочување на капиталните добивки на Берзата, уште не се знае, иако министерот Тевдовски на берзанската конференција во Охрид изјави дека нема да се оданочуваат.

„Секоја држава има национални даночни политики кои зависат од изборот што ќе се направи. Решението со единствена трета стапка го има во Србија“, вели нашиот извор.

Банките не се среќни со решението за оданочување на каматите. Но не очекуваат намалување на штедењето бидејќи во услови на слабо развиен финансиски пазар, нема многу инструменти во кои би се пласирале слободните пари. Истовремено, јакиот банкарски сектор има резерва за мало зголемување на каматата на штедните влогови, што би ги задржало штедачите.

Експертите очекуваат реакција на бизнис-заедницата преку коморите, кои во принцип се алергични на какви било зголемувања на даноци. Зашто данокот е трошок на работењето и компании кои не намалуваат плати ќе имаат зголемени трошоци.

Анита Салтировска