Перо и Јелена Антиќ прогласени за најдобри во мак-баскетот за 2017 година


Македонската кошаркарска федерација (МКФ) на свеченоста одржана вечерва во Скопје ги прогласи најдобрите во мак-баскетот за 2017 година.

Откако спортските редакции во медиумите, тренерите, судиите и клубовите во Република Македонија ги дадоа своите гласови, МКФ направи сублимат со што беа избрани најдобрите за 2017-та во повеќе категории.

Перо Антиќ кај мажите и Јелена Антиќ кај дамите се лауреати, односно најдобри кошаркари на Македонија за 2017 година.

Наградите во екипна конкуренција им припаднаа на шампионите МЗТ Скопје Аеродром и Бадел 1862 кај сениорите, односно, Вардар и повторно Бадел 1862 во младинските конкуренции.

Од тренерската фела, признанија добија:

Tренер на женска екипа (младински): Анета Глигорова (Бадел 1862)
Тренер на машка екипа (младински): Денис Дервишевиќ (Феникс 2010)
Тренер на женска екипа (сениорки): Бранко Андриевски (Вардар)
Тренер на машка екипа (сениори): Љупчо Малинков (Фени Индустри)

За најдобар млад кошаркар е прогласен Дамјан Крстевски член на репрезентација до 18 години, односно Тијана Митрева која е дел од селекцијата до 16 години, беше прогласена за најдобра кај девојките.

На свечената церемонија им беа доделени и благодарници на спонзорите кои и оваа година беа поддржувачи на МКФ, како и на Специјалната олимпијада на Македонија која продолжува да промовира развој на кошарката кај лицата со попреченост.