Пендаровски тргна со концептот „Македонија за сите“

Пет години подоцна, Стево Пендаровски и официјално влегува по вторпат во трката за шеф на државата. Неговата номинација беше потврдена вчера на истата локација како и во 2014 година, во хотелот „Александар палас“ во Скопје, но во драстично променет политички амбиент во земјава.
„Се случија промени, се вратија надежта и демократијата во државата. Не е лесно, ама секој чекор е чекор кон напредок. Шансата што ја создадовме сега е во нашите раце. Наша должност е да го искористиме овој полет за да го обезбедиме до крај она за што се боревме – подобар живот за сите граѓани“, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во своето воведно обраќање пред над 700 партиски делегати и гости од партиите од коалицијата. Заев го претстави Пендаровски како „претседател за сите“. Стево, како што рече, е потврда на концептот „едно општество за сите“ во напредна евроатлантска Северна Македонија.
На претходните претседателски избори, Пендаровски се вклучи како опозициски кандидат во битка што се чинеше однапред изгубена, со оглед на контролата врз сите лостови на власта сè уште ја одржуваше ВМРО-ДПМНЕ, која поради тоа можеше да си дозволи и комоција да ја отфрли понудата на ДУИ за заеднички настап со консензуален кандидат. Тогаш Пендаровски го имаше за главен противник веќе искусниот на претседателската функција Ѓорге Иванов, додека овој пат, како фаворит на владејачката гарнитура, ќе треба да се соочи со универзитетската професорка Гордана Силјановска-Давкова, која влезе во претседателската трка со амбиција да се претстави како непартиски, односно натпартиски кандидат. Од друга страна, Пендаровски излегува на изборите како прв заеднички кандидат за претседател, поддржан од партии од македонскиот и од албанскиот блок, така што, доколку не се соочи со слаб одѕив во вториот изборен круг, реални се шансите да стане прв избран претседател на Република Северна Македонија, а петти од независноста на државата.
Тоа што би ја претставувал државата под новото име, секако, нема да претставува проблем за Пендаровски, кој и во изминатиот период, како национален координатор за НАТО, ги поддржуваше процесите поврзани со Преспанскиот договор. Наспроти тоа, Силјановска-Давкова, уште во својот прв настап како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, најави ревидирање на документот со кој е ставен крај на долгогодишниот проблем со Грција кој ги попречуваше евроатлантските перспективи на државата.
Во обраќањето пред делегатите на СДСМ, Пендаровски нагласи дека по цела една деценија „автократски режим на фамилијата“, во последните две години почнале да доаѓаат убави вести во земјава. За актуелната власт рече дека направила чудо со две работи – со уривање на режимот и со договорот со Грција, додавајќи дека само тие се доволни за да бидат запаметени од историјата.
Преспанскиот договор се очекува да биде главната тема околу која ќе се кршат копјата на претстојните претседателски избори, за што показател е и пораката што му ја упати на Пендаровски шефот на дипломатијата Никола Димитров, кој до последен момент важеше за еден од можните фаворити на СДСМ за претседателската кандидатура.
„Клучот од Преспа ги отвори вратите кон евроатлантските интеграции. НАТО-членството стана реалност. Овој позитивен бран ЕУ едноставно не може да не го валоризира, доколку паралелно понудиме и доволно реформски аргументи. Бидејќи самиот договор од Преспа е европски подвиг. Ни требаат и фер, мирни и демократски избори и избор на претседател кој ќе биде принципиелен партнер на Владата во реализацијата на историската цел. Мислам дека изборот меѓу кандидатите, посебно меѓу госпоѓата Силјановска-Давкова и Стево Пендаровски нема да ви биде особено тежок. Со среќа Стево“, напиша Димитров на својот фејсбук-профил отфрлајќи ги со тоа сомневањата дека изборот на фаворитот на СДСМ може да предизвика несогласувања меѓу челниците во власта. Шефот на дипломатијата, кој деновиве беше на министерски собир во Грција, не присуствуваше на вчерашниот 23. конгрес на СДСМ на кој со акламација беше потврдена кандидатурата на Пендаровски.

Тој влезе во салата во хотелот „Александар палас“ придружуван од Заев и вицепремиерите Радмила Шекеринска и Оливер Спасовски, кои беа исто така дел од фаворитската четворка. Во обраќањето до делегатите, Заев им се заблагодари на сите дваесетина можни кандидати на СДСМ, а посебно на Шекеринска, Димитров и Спасовски, оценувајќи дека тие се моторот на Владата.
Заев го опиша Пендаровски како личност со интегритет и со сериозно и темелно професионално и политичко искуство. Бројот на годините поминати во политиката и во академскиот свет, како што нагласи, и неговиот неспорен морален кредибилитет и јасна визија за иднината на нашата земја ветуваат кандидат кој е достоен да застане на чело на државата и да биде врховен командант на нашата армија.
Од Пендаровски сега, практично, се очекува да обезбеди дисконтинуитет во политиките што во изминатите десет години се водеа во претседателската резиденција на Водно, а кои во последните две години постојано укажуваа на лоша кохабитација на Иванов со владата на СДСМ. Но, за разлика од претседателските избори во 2014 година, кои се одржуваа паралелно со предвремени парламентарни избори, така што беше обезбеден и солиден цензус за реизбор на Иванов, над претстојните избори сериозно се надвиснува опасноста од можен „тивок бојкот“, и покрај убедувањата од опозицискиот табор дека нема да дојде до тоа. Пендаровски изрази вчера оптимизам дека овој пат ќе му се „посреќи“ да биде избран на формално највисоката функција во државата.
„Немаме друга алтернатива освен да победиме на 5 мај. Ве уверувам дека ја имаме истата страст и истата енергија како и во 2014 година да покажеме дека во овие турбулентни времиња, на овој дел на Балканот, токму оваа политичка опција и токму овие луѓе, најдобро го разбираат историскиот контекст и сакаат, конечно, да го заокружат проектот на интегрирана, демократска и мултиетничка Северна Македонија. На 21 април и на 5 мај нема да се решава за нечија политичка кариера. Далеку поважно е да покажеме дека во една мултиетничка држава на Балканот е возможно луѓе од различни етникуми да се обединат за исти цели – членство во евроатлантските организации, закони кои ги унапредуваат правата на граѓаните и политички претставници кои ги надминуваат и поминуваат вековните етнички линии на поделба“, истана Пендаровски пред делегатите на СДСМ.
Претходно, за време на работниот дел од конгресот на СДСМ, Пендаровски замина за Тетово, каде што имаше кратко обраќање и пред членовите на Централниот совет на ДУИ, каде што требаше исто така да биде потврдена неговата кандидатура.
„Мојот концепт останува Македонија за сите, каде што ќе нема граѓани од втор или трет ред и нема да има потстанари и газди, односно сите треба да бидат еднакви без разлика на етничка заедница, религија или политичка партија. Во тој концепт верувам и се залагав и пред да знам дека ќе бидам кандидат за која било функција“, рече Пендаровски.
Во однос на изборите и очекувањата од нив, Пендаровски рече дека не е важно кој ќе победи, туку е важно во пресрет на одлуката на Европскиот совет во јуни Македонија да покаже дека е способна и има капацитет да спроведе кристално чисти избори, за што треба да се ангажираат сите капацитети почнувајќи од институциите, граѓаните и најмногу политичките лидери, без оглед дали доаѓаат од власта или од опозицијата бидејќи, како што посочи, најважно е Македонија да победи.

Александра М. Митевска