Пендаровски: Со евроатлантските интеграции младите ќе останат во Македонија

Со евроатлантска интеграција на Македонија младите ќе добијат поголема можност во својата држава и ќе се намали исселувањето во странство, им укажа денеска на вевчанци националниот координатор за НАТО Стево Пендароски.

Во рамки на кампањата „Излези ЗА Европска Македонија“ имаше средби со различни категории граѓани, од младите до пензионерите, на кои им ги презентираше придобивките што значи да се гласа „за“ на референдумот на 30 септември и што ќе значи тоа за Македонија.

Пендароски појасни дека прво ќе влеземе во НАТО за околу една година, што ќе значи сигурност и гарантирање на територијалниот интегритет на Македонија.

– Една држава која има гарантиран територијален интегритет и суверенитет и стабилни и заштитени граници има одлична можност да се развие и економски, рече Пендаровски.

Веднаш по членството во НАТО, според него, се зголемува и бројот на странските и домашните инвестиции, бидејќи иднината на државата е загарантирана. Перспективите во однос на економијата се уште поголеми со влезот во ЕУ.

– Ние имаме датум за почеток на преговори во јуни 2019 година. Ако го реализираме овој договор гаранциите од Брисел се дека ќе почнеме преговори во јуни идната година. Тоа значи отворање на уште поголеми перспективи за младите, но и за сите возрасни категории. Не постои ниту една држава во Европа која се развила, а да не била дел од Унијата особено поранешните комунистички држави. На сите нив им помогна ЕУ и НАТО да се стабилизираат и да направат економски развој, истакна Пендароски.

Во Вевчани, како и во другите населени места, нагласи, расположението расте и изрази убедување дека разликата на 30 септември ќе биде голема на оние кои се „ЗА Европска Македонија“.

– Резултатот нема да биде тесен, многу луѓе се убедени од придобивките на земјата со влез во НАТО и ЕУ и се сигурни дека ќе гласаат „за“. Барем во Вевчани мислам дека не треба да се убедуваат многу луѓето, посебно младите. Тие се една космополитска генерација која има шетано низ светот, но и со модерните технологии знаат што значи да си изолиран, а што да си дел од модерниот свет, изјави Пендароски.