Пацоли: Дачиќ на Бурунди му понуди оружје за да го повлече признавањето на Косово

Косовскиот министер за надворешни работи Беџет Пацоли тврди дека шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ им нудел на Бурунди оружје во замена за повлекување на одлуката за признавање на Косово. Ваквите тврдења ги деманираат и Дачиќ и неговиот колега од Бурунди Алан Аиме Њамитве.

Пацоли рече дека нема да биде изненаден ако се појават и други држави кои ќе се откажат од признавањето на Косово, но „тоа нема да бидат сериозни држави со долги традиции во демократијата“. Тој тврди дека и на Мали му било нудено оружје за да го повлече признавањето на Косово.

– Ги преземавме сите мерки тоа да не се случи. Се надевам дека таа држава (Бурунди) ќе не покани да воспоставиме дипломатски односи, изјави Пацоли за КТВ

– Бурунди во 2012 година го призна Косово како независна држава, но во меѓувреме имавме прилика да ја преиспитаме нашата позиција и да видиме дека единствено добро е да јакнеме добри и одлични односи кои постоеја во време на поранешна Југославија и Бурунди, изјави неодамна шефот на дипломатијата на Бурунди за Гласот на Америка. Дипломатски односи меѓу СФРЈ и Бурунди се воспоставени во 1982 година по независноста на таа држава.

– Се вративме на нашата позиција од пред 2012 година што значи дека имаме односи само со Република Србија, нагласи Њамтиве. Тој потсети дека Косово не е признато од Русија, Кина, Индија…

Тој категорично ги отфрли наводите дека имало притисок врз Бурунди да го повлече признавањето на Косово.

Дачиќ, пак, изјави дека Приштина мора да се навикне дека во светот постојат и такви кои мислат дека одлуката за признавање на Косово била погрешна.