Патриотите ги пречекаа обвинетите за тероризам како ѕвезди

Со патриотски песни, зурли и тапани, знамето од Вергина, самонаречените патриоти ги пречекаа обвинетите за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста пред зградата на Кривичниот суд. Пред да почне судењето, група граѓани со пароли во рацете се собраа пред новата зграда на Судот и со овации, еден по еден, како што стигнуваа, ги поздравуваа обвинетите за упадот во Собранието.
Со дел од паролите што ги носеа порачаа „Судење на уметници и парламентарци како терористи е светски срам на векот“, „Македонските патриоти ги обвинува обвинител, учесник во ‘Шарената револуција’, „Вилма Русковска (шарена обвинителка). Изземање и оставка“, „Слобода за нашите браќа патриоти“, „Јас сум Крсто“ и слично. Групата исто така извикуваше „Ние сме етнички Македонци“ и „Ова е знамето на Македонија“.
Во групата која излезе да ги поддржи обвинетите беше Сотир Костов, неговата сопруга која со години работеше во протоколот во тимот на поранешниот премиер Никола Груевски и  професорката Иванка Василевска. Никој од сегашното и поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваше на собирот, единствено во задните редови во еден период од протестот можеше да се забележи поранешниот пратеник Александар Спасеновски.

Меѓу првите што пристигнаа беше поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, кој влезе во судот  со својот адвокат Сашо Дуковски. По Чавков, дотеран во костум, стигна оперскиот пејач Игор Дурловски, кој исто така се брани од слобода.
Со овации беа пречекани и пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, кои беа донесени од куќен притвор. Јохан Тарчуловски се брани од слобода и негов адвокат е повторно Антонио Апостолски, адвокатот кој го бранеше во Хаг. Потоа стигна пратеникот Љупчо Димовски. Од куќен притвор беа донесени и водачите на здружението „За заедничка Македонија“, Богдан Илиевски, режисерот Борис Дамовски и актерот Владо Јовановски, кој доби најмногу аплаузи од присутните.
Судењето почна со половина час доцнење. Судската сала во новиот Кривичен суд собра триесет и три лица обвинети за упадот во Собранието, нивните адвокати, новинарите и членови на нивните семејства.
Судијката Добрила Кацарска ја започна главната расправа за овој предмет и уште на почетокот покажа решителност дека расправата нема да се одложи поради приговорите на адвокатите. Втор судија во овој случај е Дарко Тодоровски, судијата кој му ја изрече ослободителната пресуда на премиерот Зоран Заев. Во ова судење, Кацарска има и дополнителен судија, Славица Андреевска, и дополнителни судии поротници и има закажано 37 рочишта до ноември.
Надвор пред судот, додека почнуваше главната расправа, сè уште ечеа зурлите и тапаните, а дел од роднините додека влегуваа во судница викаа „Смрт или слобода“.
Застапници на обвинението се обвинителките Вилма Русковска и Гордана Смаќоска од Обвинителството за организиран криминал и корупција.
На обвинителна клупа седнаа вкупно 33 лица, 11 се во притвор, 13 во куќен притвор, а останатите имаат мерки за претпазливост или се на слобода со гаранција. Во првите редови на судницата седат пратениците и поранешното раководство на Министерството за внатрешни работи, а во последните редови Александар Василевски-Нинџа, Никола Митровски-Кољо заедно со организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“.
Повеќе од три часа адвокатите на обвинетите бараа да се одложи судењето бидејќи не ги добиле сите доказни материјали и обвинуваа дека Обвинителството или селективно им дава докази или, пак, воопшто не им ги доставува.Обвинителките тврдеа дека во законскиот рок на одбраната и било овозможено да направи увид во сите записници и докази. Овие обвинувања ја изнервираа судијката и на присутните им порача дека ова е голем и тежок предмет кој е многу актуелен и будно го следат и македонската и меѓународната јавност.
„Немојте да ги влошувате условите за работа бидејќи овој е тежок предмет и мојата толеранција има праг, а судските рочишта ќе траат онолку колку што судот има план и зацртал да работи во тек на рочиштата што се закажани. Немам намера никому да му кажувам, ниту со некого да се договарам до кога ќе траат судските рочишта“, рече Кацарска.
По паузата што ја даде Кацарска за ручек, соопшти дека се одбиваат барањата на адвокатите и дека судењето ќе трае и по работното време на судот. Кацараска речиси секојдневно има закажано рочишта за овој случај и според првичните впечатоци судијката сака да го заврши колку што може побрзо.
Обвинителката и адвокатите доцна попладнето вчера даваа воведни зборови. Обвинителката Русковска хронолошки, според обвинението, раскажа што се случувало на 27 април.  Според обвинението, секој од обвинетите имал своја задача во нападот, а Русковска порача дека обвинителството ќе докаже дека Игор Југ имал задача да го ликвидира Зоран Заев.
„Нападите во Собранието, крвавата глава на Заев, нападот на Радмила Шекеринска и на Зијадин Села ќе останат длабоко врежани во историјата на Македонија. Напаѓачите, кои денес се на обвинителната клупа, преку доказите ќе се види дека биле предводени од Александар Василевски-Нинџа и Никола Митровски- Кољо. Полицајците, пак, се поставиле на нивна страна. Пратениците кои ги отворија вратите биле свесни дека напаѓачите ќе направат хаос со што тие ги погазија уставните начела и принципи. Групата „За заедничка Македонија“, пак, имала задача со потпалувачки говори да ја повикаат масата кон Собранието“, рече Русковска.
Судењето го следеше и претставник на американската амбасада, кој пред паузата излезе од судница и беше пречекан со извици „Шумар, шумар“.
Упадот во Собранието се случи на 27 април минатата година. Организирана група граѓани, дел од нив маскирани, влегоа во Собранието и тепаа сè пред себе. Повредени беа пратеници од СДСМ, кои тогаш беа во опозиција, новинар, а од смрт се спаси пратеникот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села.
Чавков е обвинет дека, иако знаел дека во Собранието е загрозен животот на новинарите и на пратениците, не издал наредба за распоредување на дополнителни и специјални полициски сили. Обвинетите пратеници им ги отворија вратите на граѓаните во Собранието, а организаторите на протестите држеа потпалувачки говори.
Сепак, поддржувачите пред Кривичниот суд по неколку часа од судењето се разотидоа. Останаа само неколкумина издржливи на сонцето.
Фросина Факова – Серафиновиќ