Партијата на Чамите бара истрага за тврдењата за финансирање албански медиуми од тајни грчки фондови

Албанската опозициска Партија за правда, интеграција и единство (ПДИУ), позната како партија на Чамите, побара од претседателот на Албанија, Илир Мета, да го свика Советот за национална безбедност, бидејќи, како што оцени, земјата се наоѓа во „вонредна национална состојба“.

Повикот на ПДИУ доаѓа ден откако грчки медиуми објавија дека Министерството за надворешни работи на Грција финансирало албански и македонски медиуми од тајни фондови.

– Денес се наоѓаме во вонредна национална состојба и тешки обвиненија за национално предавство. Под овие услови, го повикуваме претседателот итно да го свика Советот за национална безбедност за да ги ангажира сите агенции за спроведување на законот да поведат истрага и да ги стават во затворска ќелија оние што добиле пари, бидејќи само за еден месец им се доделени повеќе од еден милион евра. изјави лидерот на ПДИУ, Шпетим Идризи.

Тој го повика државниот јавен обвинител под итно да спроведе истрага за тврдењата за финансирање на портали, весници, телевизии, бизнисмени и невладини организации од наводни тајни црни фондови од министерствата за надворешни работи и за одбрана на Грција и од грчките тајни служби.

– Каде инвестирале? По која цена? Кои се ставовите што ги имаат овие медиуми? Кои лица лично се вмешани во оваа операција?, запраша Идризи.

Лидерот на ПДИУ во јануари годинава обвини дека од таен фонд на грчкото Министерство за надворешни работи се слевале „валкани пари“ во медиумите и порталите во Албанија, со цел да објавуваат содржини против прашањето за протераните Чами од Грција.

– Многу добро знам дека влијанието на Грција е големо и во албанските медиуми. Албанија денес и секој ден ќе биде уште посилна и затоа не ги држете оние што ги предаваат интересите на Албанија, порача тогаш Идризи.