Партиите со осуда за изјавата на албанскиот дипломат : Чејку заглавил во 2008 година

Поранешниот амбасадор на Албанија во Македонија предвиде трета албанска држава на наша територија.

По изјавата на премиерот на Албанија, Еди Рама, дека Косово и Албанија треба да имаат еден претседател, која покрена остри критики низ земјите на Балканот, по што ретерираше и самиот тој, поранешниот амбасадор на Албанија во Македонија, Арбен Чејку, излезе со слична реторика. Чејку во емисијата „Дебата на ‘Канал еден’“ во својата анализа за последните политички случувања на Балканот рече дека до 2028 година Албанците ќе имаат трета држава на Балканот, посочувајќи ја Македонија. Ова негово толкување ги испровоцира да се јават со реакција СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, скопското крило на Беса, но и од дел од политичките аналитичари.

Прв што реагираше на оваа изјава е министерот без ресор одговорен за дијаспората, Едмонд Адеми, кој го нарече Чејку амбасадор со пропаднати визии. За Адеми очигледно е дека некогашниот амбасадор во земјава зборувајќи за политичката иднина на Балканот подзастанал во 2008 година.

„Поранешниот амбасадор на Албанија во Скопје, Арбен Чејку, кој за време на неговиот мандат во Скопје не се прослави ниту како дипломат ниту како Албанец, зборува за некоја си 2028 година, а во суштина заглавил некаде во 2008 година. Добро е што судбината на Албанците не зависи од неговите ‘визии’, бидејќи ако е тоа така, отидовме сите по ѓаволите“, напиша Адеми.

Македонската опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, пак, анализирајќи ја изјавата на Чејку, се запраша како е можно државните институции на чело со МНР и Владата да останат глуви и без реакција.

ВМРО-ДПМНЕ е против менување на границите и ја осудува секоја инцијатива која ја нарушува унитарноста на државата. Скандалозно е што ваквите изјави остануваат некоментирани од официјалните органи на државата, вклучително МНР и Владата, кои досега не излегоа со осуда иако имаат обврска за тоа“, изјавија од ВМРО-ДПМНЕ за „Независен“.

Од скопското крило на Беса за „Независен“ изјавата на Чејку кратко ја искоментираа како несоодветна за евроатланскиот пат на Западен Балкан.
„Албанија, Косово и Македонија јасно се определија за евроатлантските интеграции и не знаеме како овие изјави би и биле од корист на оваа агенда. Ние како Албанци од Македонија сме се определиле за интеграција на Македонија во Европската Унија и за членство во НАТО, и ова е наша стратегиска цел“, изјави портпаролот на скопското крило на движење Беса, Орхан Муртезани.

Политикологот и новинар Џенис Сулимани ја осуди изјавата на поранешниот дипломат Чејку и неговите зборови ги нарече „промашени реченици кои не му доликуваат на еден поранешен дипломат“.

„Многу политичари декларативно, особено во празнични моменти, преминуваат многу граници. Нивната реторика е преполна со големи зборови. Сето ова само за да изразат нешто големо, за да изгледаат големи, а не за реализација на она што го кажуваат. Кога зборуваме за конкретната изјава на поранешниот амбасадор, се сеќаваме дека тој беше амбасадор за време на најмрачниот режим за Албанците во Македонија, но и истиот тој во тоа време декларативно не кажа ништо за да ги осуди политиките на Никола Груевски. Гледано од другата страна на медалот, ваквите изјави во еуфорични моменти не треба да претставуваат вест. Западниот Балкан ита кон интеграција во евроатлантските структури и таму се бараат граѓанска политика, универзални вредности, таму се оди со државно знаме, но се дава придонес за цела Европа и за цел свет. Затоа, овие реторики, посебно кога се изговараат од поранешни дипломати, ги оценувам како апсолутно промашени реченици“, изјави Сулимани.