Парондо наследник на Раул на тренерското место во Вардар


Шпанецот Роберто Гарсија Парондо од следната сезона ќе биде нов тренер на машката ракометна екипа на Вардар. Сонародникот на Раул Гонзалес доаѓа од женската екипа на „црвено-црните“ каде е помошник тренер и во следните две сезони ќе го предводи актуелниот европски првак.

„Многу сум среќен што добивам шанса да бидам дел од европскиот првак Вардар. Верувам дека преку резултати ќе успеам да ја оправдам довербата. Да се биде дел од тим што зад себе има таква спортска традиција и постигнати одлични резултати е голем предизвик за мене. Вардар веќе го чувствувам како свој дом. Тука сум речиси една сезона и условите што ги има клубот ми даваат за право да се надевам за успешна соработка“, изјави идниот вардаров шеф на стручниот штаб за клупскиот сајт.

Парондо (38) е асистент и во машката сениорска репрезентација на Македонија и беше дел од стручниот штаб на ЕП во Хрватска. Претходно тој помагаше и во подготовка на младинската репрезентација за настап на СП во Алжир каде беше освоено шестото место.

Во моментов заедно со Ирина Дибирова е на клупата на женската екипа на Вардар и се единствен тим во Лигата на шампиони што е без пораз сезонава во елитното европско натпреварување.