Паркинзите со трева за намалување на аерозагадувањето

Изнаоѓање мерки за решавање на проблемот со загадувањето на воздухот во Скопје е целта на дводневната работилница „Градови на иднината“ што започна денеска во Скопје во организација на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и Град Скопје.
– Треба да се разгледаат градските проблеми, поконкретно загадувањето на воздухот, да се анализира комплексноста на појавата и да се види кои решенија можат да се применат за решавање. Се надеваме дека утре ќе бидеме чекор понапред во разбирањето на комплексноста на овој проблем, рече претставничката на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Нарине Сахакјан.
Таа додаде дека најголемата трансформација треба да биде во однесувањето на луѓето, но и во претставниците на Владата, оние кои ги носат одлуките и политиките.
– Треба да се започне со едноставни решенија, на пример паркинзите во Скопје најмногу се направени од бетон или асфалт. Би било добро решение доколку сите паркинзи се со трева. Тоа ќе придонесе до намалувањето на загадувањето. Исто така, енергетската ефикасност на зградите е задача за која треба да се бориме зашто помага во намалување на загадувањето. Голем проблем е и греењето на куќите и становите, тоа е одговорност на граѓаните и затоа треба да работиме повеќе на подигање на свеста, рече Сахакјан.
Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, додаде дека на работилницата треба да се открие начин на користење нови методи, технологии, поинаков и иновативен пристап и да се понудат решенија во справувањето со загадувањето.
– Кога зборуваме за иднината на градовите и за иднината на Скопје, јасно е дека не можеме тоа да го направиме изолирано, затоа ние заедно со Град Скопје и со УНДП градиме цврсто партнерство на заедничко креирање на иднината, со почитување на се што ќе кажат експертите и стручната јавност и добрите пракси од Европа, и само на тој начин може да дојдеме до решение. Очекувам плодна, дводневна работилница со корисни резултати што ќе бидат понудени на Министерството, на Град Скопје, но пред се на граѓаните, рече заменик министерот.
Тој појасни дека Министерството останува доследно во спроведувањето на Законот за зеленилото, и дека фактот што Општина Центар ги донела детално урбанистички планови во кои одредени згради и хотели се вратени во зелена површина претставува пат по кој треба заеднички да се чекори.
Работилницата ја водат Тим Тејлор, висок советник за градови во „Climate KIC“, водечка европска иницијатива за климатски иновации и Андреа Реј Бојл, експерт за иновации и нови градови во УНДП, Регионален хаб во Истанбул.