Папата до бискупите: Слушнете го крикот на младите луѓе кои сакаат правда

Папата Франциско денеска на почетокот на Конференцијата за борба против свештеничкото сексуално злоставување деца, предупреди дека е потребно повеќе од само осуда на злосторства и оти верниците очекуваат конкретни дејства како одговор на скандалите.

На четиридневниот собир во Ватикан присуствуваат 190 католички лидери од околу сто бискупски конференции од сите континенти.

Папата им порача на највисоките католички великодостојници дека нивната одговорност е ефикасно да се соочат со злосторствата на свештениците, кои силуваат и  вознемируваат деца.

Тој нагласи дека тие треба да „го слушнат крикот на оние млади луѓе кои сакаат правда” и да ја искористат можноста да го „трансформираат ова зло во шанса за разбирање и прочистување”.

Конференцијата во Ватикан е организирана како одговор на новиот бран педофилски скандали со католички свештеници во САД, Чиле и на други места.

Здружението на жртвите на злоставувања бара на состанокот да биде договорен конкретен акциски план во борбата против педофилијата.