Падна прва пресуда за Груевски – јавноста не ја виде неговата реакција

Јавноста не ја виде реакцијата на поранешниот премиер, Никола Груевски, кога судијката Добрила Кацарска го осуди на две години затвор за набавката на луксузниот „мерцедес“. Неговите поддржувачи се собраа пред зградата на новиот Кривичен суд, но Груевски не дојде да ја слушне пресудата.

Иако претходно беше присутен на рочиштето за случајот „Траекторија“, на пресудата за случајот „Тенк“ дојдоа само неговите адвокати, без обвинетиот. Од притвор, со лисици на рацете, беше донесен поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски кому Кацарска му досуди уште шест години и шест месеци затвор.

Поповски за два дена доби две пресуди, вчера беше осуден на девет години затвор за злоупотреба на службената положба за набавката на 300 полициски возила , а денеска е осуден за истото кривично дело за набавката на „мерцедесот“ за Груевски.

Судијката повеќе од половина час ја образложуваше пресудата и пред изрекувањето упати порака до носителите на јавните функции.

„Чест е да се биде премиер на Република Македонија. Груевски ги добил овластувањата од граѓаните и тие треба да знаат како се трошат нивните пари. Никој не смее да ги потценува и омаловажува граѓаните на начин на кој тоа го сторил Груевски“, порача Кацарска.

Според неа, од доказите, несомнено произлегувало дека  Груевски побарал од поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, МВР да спроведе незаконска набавка за блиндирано возило „мерцедес“ за да биде исполнета неговата желба да се вози во исклучително скап автомобил од речиси 600.000 евра.

Во постапката бил фаворизиран економскиот оператор „Мак ауто стар“ и биле наведени спецификации на возилото за кое единствен дистрибутер била токму оваа фирма. Кацарска се повика на „бомбите“, односно прислушуваните разговори кои се докази во оваа постапка, и ги цитираше дел од разговорите меѓу поранешните владини функционери.

Набавката на „мерцедесот“ се држела во тајност, во разговорите Груевски го нарекува „тоа на М“ и „триаголникот“ и и порачува на Јанкулоска да има екрани на седиштата и „фул“ луксузна опрема. Двајцата се договарале Груевски да не се вози со скапиот автомобил пред народот и новинарите, но да го добива кога сака. Иако за одбраната овие снимки беа незаконски прибавени, Кацарска порача дека тие се валидни докази кои се користат поради јавниот интерес, да се утврди вистината за направени тешки кривични дела.

„Со тоа се зајакнува демократскиот дух на државата и владеењето на правото“, рече судијката.

Договорот за набавката го потпишал Ѓоко Поповски, а овластувања за тоа му дала Јанкулоска. И таа е обвинета во овој случај но нејзе ќе и се суди во одвоена постапка поради ризичната бременост.

Во случајот „Тенк“ Груевски се товари за примање награда за протизаконито влијание. Ова е прва пресуда за премиер за извршување на премиерска должност и прва пресуда од вкупно пет случаи кои ги води Специјалното јавно обвинителство против Груевски.

Поддржувачи на Груевски се собраа пред Кривичниот суд

Група поддржувачи на поранешниот премиер се собраа пред новата зграда на Кривичниот суд за да му дадат поддршка на Груевски, а судската зграда беше под големо полициско обезбедување. Тие извикуваа „Никола, Никола“, „Од чесен човек, направија криминалец“. Меѓу насобраните се појавија и поранешните градоначалници, Коце Трајановски и Ивица Коневски, но си заминаа пред изрекувањето на пресудата.

Според демонстрантите,  актуелниот премиер Зоран Заев го поддржуваат странците. За нив е неприфатливо тоа што судијката Кацарска ја отфрлила снимката со Заев како доказ во случајот „Поткуп“ и го ослободила, а ги прифатила, според нив, незаконски прибавените докази за Груевски и го осудила.

Откако беше изречена пресудата дел од нив почнаа да ги тресат оградите поставени пред Судот, а на еден од демонстрантите му се слоши и со возило на Брза помош беше пренесен во болница. После тоа демонстрантите се разотидоа.

Фросина Факова – Серафиновиќ

фото: Борис Грданоски