Опозицијата заеднички ќе ја руши власта во Дебар

Највисоките органи на ВМРО-ДПМНЕ ги делегираа Митре Милошевски и Николчо Стоилков за кандидати за градоначалници на Охрид, односно Ново Село, но иако локални избори заедно со претседателските ќе има и во Дебар, најголемата опозициска партија таму најверојатно нема да има свој претставник. Место дефилирање на кандидат кој во средина со претежно албанско население нема никакви шанси за победа, па ниту за пласман во втор круг, се прават проценки дека е подобро да се поддржи фаворитот на нивните опозициски партнери – Алијансата за Албанците и Беса. Коалицијата на трите партии што ќе му се спротивстави на кандидатот на ДУИ и на СДСМ сè уште не е потврдена, но работите одат во таа насока, брифираат нашите извори.

Соработка на партиите предводени од Христијан Мицкоски, Зијадин Села и Билал Касами, всушност, функционира уште од декември минатата година кога почина тогашниот градоначалник на Дебар, а опозициското друштво успеа да направи превласт во локалниот совет. Траеше помалку од еден месец, затоа што сопартијците на Али Ахмети и на Зоран Заев бргу си го вратија својот пребеган советник од партијата на Фијат Цаноски. Но, евентуална коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ, Алијансата и Беса отвора прашања дали соработката ќе важи и за претседателските избори, каде што и едните и другите имаат свој кандидат, како и на идните парламентарни избори, при што ќе се борат за доаѓање на власт?

Сите опции се отворени“, е официјалниот одговор на ВМРО-ДПМНЕ на прашањето дали ќе коалицираат со албанските опозициски партии на изборите во Дебар.

Алијансата за Албанците в недела свика состанок на централниот комитет, на кој ќе ги официјализираат деталите во пресрет на изборите во Дебар. Извори од партијата на Села потенцираат дека најмногу шанси за настап на соочувањето со граѓаните на 21 април има Арбен Аголи, кој беше кандидат за градоначалник и на последните избори во октомври 2017 година. Тогаш освои 2.597 гласа, но недоволно во однос на Ружди Љата, за кого гласаа 3.419 сограѓани. ВМРО-ДПМНЕ со Драган Клопчевски доби 685 гласа, а Џемаил Чупи од Беса имаше поддршка од 1.271 гласач. СДСМ немаше свој кандидат туку го поддржа кандидатот на ДУИ, како што ќе биде и годинава.

Аголи имаше одличен резултат, имајќи предвид дека за Љата работеше целата власт, а ние бевме сами. Сега, доколку биде се како што очекуваме, со поддршка на Беса и на ВМРО-ДПМНЕ, ќе бидеме во апсолутна предност. Сметаме дека е нормално партиите од опозицијата да соработуваат, исто како што тоа го прави и власта. Кога зборуваме за ВМРО-ДПМНЕ, треба да имаме предвид дека тоа не е истата партија од времето на Никола Груевски, така што има простор за соработка. За евентуална идна коалиција или поддршка на Гордана Силјановска во вториот круг на претседателските избори, доколку таму не влезе нашиот Блерим Река или за идни парламентарни избори не сме разговарале“, тврдат во Алијансата.

Во моментов, Советот на Општина Дебар брои 15 советници, при што пет се од ДУИ, двајца од СДСМ и еден од ПЕИ, кои сочинуваат мнозинство, додека Алијансата со три, ВМРО-ДПМНЕ и Беса со по два се во опозиција. По смртта на Љута (63), советникот на ПЕИ прејде од другата страна, па за в.д. градоначалник беше поставен Еуген Цами од Алијансата. Тоа воопшто не им се допадна на владејачките партии.

Политиката понекогаш ги надминува моралните стандарди, и согласно политичките агенди, понекогаш ќе мора да ја прифатиме и оваа неморална одлука на малите опозициски парти од албанскиот блок и ВМРО-ДПМНЕ, во смртта на Ружди Љата да го пронајдат сопствениот политички успех. На граѓаните на Дебар сакаме да им порачаме да почекаат неколку месеци, кога, по сила на закон, на избори, малите опозициски парти од албанскиот блок заедно со ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да ја проверат довербата за оваа нивна авантура“, соопшти ДУИ.

Но ниту „интегративците“ ниту социјалдемократите немаа трпение да почекаат четири месеци, па за неколку недели си го придобија назад „бегалецот“ од ПЕИ. Цами беше сменет, а на негово место назначен Хекуран Дука од ДУИ. Рокадата предизвика турбуленции и заострени политички односи меѓу власта и опозицијата, која обвинуваше за незаконска смена и бараше помош од државните институции.

Горан Адамовски