ОЈО отвори предмет по допрен глас за доделувањето концесија за центрите за дијализа

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, соопшти дека согласно член 272 од Законот за кривична постапка, отворило предмет по допрен глас во врска со доделувањето на концесијата за центрите за дијализа во Република Македонија.

Од ОЈО посочија дека следејќи ги реакциите на Здружение за бубрежно болни граѓани „Нефрон“ и написите на одредени медиуми кои укажуваат на низа недоследности при спроведување на постапката по огласот за доделување концесии на центрите за вршење дијализа, оцениле дека постои основ на сомнение што треба да се провери. Сомненијата, како што се наведува, укажуваат дека постапката е спроведена на нетранспарентен начин со индиректно фаворизирање на правни и физички лица при што познати меѓународни провајдери со големо искуство се ставени во подредена положба.

Воедно, посочуваат од ОЈО, постои основ на сомнение и во врска со одлуката за утврдување на референтна цена за хемодијализен третман согласно упатството за начинот на вршење на здравствената дејност која се однесува на лекувањето со дијализа, со која референтната цена на чинење на пакетот – хемодијализен третман кај хронична бубрежна инсуфициенција е зголемена од 4.855 денари на 5.400 денари.