Официјални фотографии од свадбата на Хари и Меган: Тоа е љубов

Англија– Новата брачна двојка во кралскиот дворец, принцот Хари и Меган Маркл, објавија официјални фотографии од венчавката во замокот Виндзор, која се одржа во саботата. Војводата и војвотката од Сасекс објавија три официјални фотографии, забележани на денот на нивната венчавка.

Фотографиите се дело на фотографот Алексеј Љубомирски, кој исто така беше официјален фотограф и на нивната свршувачка.

„Двојката би сакала да им се заблагодари на сите кои учествуваа во прославата изминатава сабота“, стои во соопштението на Кенсингтонската палата.

Фотографот Љубомирски изјави дека имал „неверојатна чест“ да го забележи „инспиративниот пат на љубовта“ помеѓу војводата и војвотката.

„Ова беше прекрасно поглавје во мојот живот и кариера, кое никогаш нема да го заборавам“, изјави тој.

Овој фотограф досега работеше за неколку славни магазини, а помеѓу другото познат е и по портретите на Бијонсе, Џулија Робертс, Никол Кидман и Скарлет Јохансон.

Околу десет илјади заинтересирани граѓани во саботата се собраа во Виндзор, а милиони луѓе ширум светот преку малите екрани ја следеа кралската венчавка.