Откупувачи и преработувачи на сливи ќе добијат субвенции

Преработувачки капацитети кои ќе откупат сливи и трговци кои откупуваат земјоделски производи ќе добијат субвенција од два денари по килограм, доколку откупат сливи од домашно производство од годинешнава реколта. Министерството за земјоделство донесе одлука за нова мерка со цел да се реши проблемот со откупот на сливи, а Владата на следната седница ќе треба да ја потврди.

Финансиската поддршка ќе важи за сливите откупени до 15 септември годинава, по откупна цена не пониска од пет денари за килограм за индустриските сливи. Субвенцијата ќе важи и за откупувачите кои ќе откупат свежа слива, со кои е договорено откупната цена да не биде пониска од осум денари за килограм.

„Со оглед на тоа дека преку Програмата за директни плаќања за 2018 година со мерката за одржување на насади од слива земјоделците имаат право на субвенција во висина од 33.000 денари за хектар и 39.600 денари за површини од еден до пет хектари, како и субвенција од три денари за килограм предадени сливи во преработувачки капацитети, дополнително со новата мерка за субвенција од два денари за килограм сливи за откупувачите, се очекува стабилизирање на откупот на сливи и решавање на проблемот“, информира Министерството за земјоделство. Оттаму истакнуваат дека новата мерка е произлезена од работните состаноци со производителите и откупувачите на сливи одржани изминатите денови.