Откажан саботниот настап на „Тексас“, поради повреда на пејачката

Концертот на групата „Тексас“ што требаше да се одржи оваа сабота во рамките на фестивалот „Скопје колинг“ се откажува и е прекажан за на 28 септември.

Како што информираа организаторите од Авалон продукција, концертот се откажува поради здравствени причини, односно повреда на пејачката Шарлин Спитери.

„Поради фактот што таа има забрана на летање со авион и забрана за движење воопшто, во наредниве десет дена, бендот ги откажа настапите во Софија, Крагујевац и во Скопје, но во изминативе 48 часа, нон стоп работевме и задоволство ни е да ве информираме дека добивме нови датуми и дека „Тексас“ дефинитивно сепак ќе настапуваат во Скопје, на 28-ми септември во СРЦ Кале. Добрата вест во оваа лоша вест е што саботниот настап беше фестивалски во времетраење од 75 мин, а настапот во СРЦ Кале ќе биде целовечерно шоу во времетраење од 120 минути“, велат од Авалон продукција.

Сите купени влезници за планираните концерти на 23 јуни ќе важат за концертот на Дарко Рундек кој останува како што беше најавен, но истотака ќе бидат валидни и за концертот на 28 септември во СРЦ Кале.

„И купените блок влезници за сите четири дена за „Скопје колинг“ ќе важат и за Дарко Рундек и за настапот на „Тексас“ во септември во СРЦ Кале. Тие што ќе дојдат со блок карта, на излез ќе добијат влезница за концертот на 28 септември. Оние што сакаат да го гледаат САМО Дарко Рундек, а се` уште немаат купено влезници за неговиот настап, од утре ќе можат да купат влезници само за Рундек по цена од 600 денари за партер и 900 денари фан-пит. Сите што имаат купено влезници за Тexas за 23-ти јуни, а не сакаат да ги гледаат во септември и не сакаат да го гледаат сега Дарко Рундек, ќе можат да ги вратат влезниците на оние продажни места од кај што ги имаат купено“, информираат од Авалон продукција. (И.Н.)