Отец Оливер ја враќа надежта кај луѓето


Некои го знаат како отецот кој помагаше по поплавите во скопско во август 2016 година, други по тоа што секој месец им носи храна на семејствата кои ја немаат, трети како човек кој се вклучува во разни хуманитарни акции… Отец Оливер Петровски од хуманитарната организација „Свети Спас“ ја враќа надежта кај луѓето кои ја изгубиле по патот удолу.

Втемелена на идејата за хуманост, на личен труд и на ентузијазам, „Свети Спас“ во декември наполни две години од основањето во 2015 година. За тој период, за четири пати се зголеми бројот на корисници: од 20-30 семејства на почетокот, до сегашните 117 семејства кои секој месец дома добиваат храна и хигиенски производи.

За секој да има леб и храна

Во спокојот на црквата во Драчево, се одвиваат последните подготовки за акцијата „Подари пакетче – подари љубов“. Од денес, ден пред Божиќ, отец Оливер и неговите помошници ќе носат пакетчиња за децата од социјално загрозените семејства, на Детска клиника, во трите домови за деца без родители, во „Порака“ – Волково, во центрите за церебрална парализа и за аутизам….Планирани беа илјада, ама со пријави уште една компанија донатор со 400 пакетчиња и јасно е дека ќе има радост за повеќе деца.

Месечните производи содржат храна и средства за хигиена. Во нив има паштети, макарони, грав, ориз, супи, зејтин, главно производи што можат да стојат подолго време без да се расипат. Има и прашок за перење, сјај за садови, шампони…основни намирници кои можат да му го олеснат месечното преживување на семејство без пари.

Најголем дел од работите, отецот сам ги врши.

-Кога почнавме, беа помалку семејства. Беше полесно. Сега се 117 семејства, од кои 30-тина се надвор од Скопје. Донациите ги доставуваме најдоцна до 10 – ти во месецот. Планираме до крајот на годинава да успееме да прифатиме и повеќе, да стигнеме до бројка од околу 140 семејства. Но, со овие поддржувачи сега што ги имаме, толку ни се силите – вели отец Оливер.

Бројот на семејства кои побарале помош нагло се зголемил пред седум-осум месеци. Во хуманитарната организација мислеле дека ќе привлечат донатори, а привлекле нови семејства кои не знаеле за организацијата и на кои им треба помош.

Се знае каде оди секое зрно грав

Доколку сакате да оставите храна кај отец Оливер, ќе мора да потпишете што и колку сте оставиле. Ако не сакате вашето име да се објави, ќе бидете анонимен донатор, но пак ќе потпишете дека сте оставиле производи. Потпис става и оној што ги прима пакетите. Заштитен е идентитетот на семејствата кои ја добиваат помошта.

-За секоја донација има приемница и испратница. Буквално за секое зрно грав се знае кој го дал и кој го земал – вели отецот.

Во моментов хуманитарната организација „Свети Спас“ има шест-седум фирми постојани донатори. Има мали фирми кои се вклучуваат безмалку во секоја акција, но и големи компании, гиганти, кои не го удостојуваат отец Оливер ниту да го примат на разговор, ниту одговараат на електронски пораки.

-Ако не беа и луѓето, поединци, кои ни носат кој по колку може, некои и секој месец, немаше да ја постигнеме оваа бројка од 117 семејства – вели тој.

Отец Оливер лично ги носи пакетите на семејства во Велес, во Куманово и Тетово, градовите кои се поблиску до Скопје. Влегува во комбето и вози. Во другите градови пакетите ги праќа по карго.

Организацијата не прима пари

И да сакате, пари во „Свети Спас“ не можете да оставите. Хуманитарната организација ниту прима ниту работи со пари.

Во случаи кога помагаат за болести, луѓето кои сакаат финансиски да помогнат ги спојуваат со оние на кои им се потребни парите за да им ги дадат средствата директно. Преку „Свети Спас“ е сместено и едно лице под кирија, киријата ја плаќа донатор. Организацијата помага и на самохрани родители, реагира и за пожари и за други човечки несреќи.

-Луѓето мислат дека ние можеме се. Не можеме. Се потпираме само на нашите сили, а сепак зависиме од хуманоста на компаниите и на луѓето – вели отец Оливер.

На почетокот, организацијата собираше и облека. Во последно време тоа го избегнуваат затоа што потребата од облека се намалила, но и поради случаите кога во донирана гардероба наоѓале и парчиња кои во никој случај не можат да се употребат. на никој не можеле да му послужат.

Отецот признава дека како организација биле во целосен хаос кога се вклучија да им помогнат на настраданите граѓани во поплавите во Синѓелиќ и во Стајковци. Немаа товарно возило, немаа ниту автомобили, а одеа и се враќаа по неколку пати и носеа донации. Многу брзо сите почнаа да ги бараат нив не само за храна, туку и за градежен материјал, дрва за огрев и помош во обновата на домовите.

Да се сетиме зошто Христос дојде

Граѓаните често прашуваат, зошто црквата не им помага на сиромашните. Тоа што можеби не се знае за оваа хуманитарна организација потекнува од свештенството на црквата „Свети Спас“ и е со благослов на архиепископот г.г. Стефан.

Во пресрет на Божиќ, отец Оливер потсетува на суштината на овој голем христијански празник.

– Секој наш граѓанин треба да биде свесен дека едни од најголемите наши заповеди се милосрдието и љубовта. Како да не помогнеме кога ќе видиме дека некој наш брат пати, дека семејство страда, дека дечиња немаат храна? – вели тој.

Ако гледате од страна, отецот е некоја модерна верзија на Дедо Мраз, кој доаѓа кога оној што е во неволја скришум му се надева, иако реално не го очекува. Дедо Мраз се и помошниците Ангелина и Мишко, волонтерите кои се пријавуваат по потреба, но и фирмите кои донираат и добрите луѓе кои носат храна во црквата. Сите заедно ја враќаат вербата дека хуманоста и милосрдието постојат цела година, не само за празници и дека никој не станал сиромашен ако даде малку на некого кого тоа малку му значи многу.

Каде е државата?

Колку реално државата се вклучува да им помогне на најсиромашните семејства, зошто многу луѓе зависат од донации, зошто институциите од медиумите дознаваат за социјалните проблеми и тогаш реагираат?

-Моето мислење е дека не треба да постои ниту една хуманитарна организација. Ние сме социјална држава, само институциите ни се подзаспани. Многу е тешко човек да се снајде без финансии. Сметам дека самата држава треба да даде помош и таа помош да е барем 70-80 отсто од просечната плата за да може тој човек, социјален случај, да живее. Не познавам човек што би можел да издржи со 1.600 денари или 2.200 денари цел месец. Со ова што го правиме, ние сега само потпомагаме за да не гладуваат семејствата или децата во нив.

Потребен е училишен прибор

Вистински предизвик за хуманитарната организација „Свети Спас“ е да обезбеди прибор за децата од социјално загрозените семејства кои одат на училиште. Прибор ретко се донира, а многу е потребен бидејќи многу родители не можат да го купат. Пред Нова Година хуманитарната организација доби дел материјали за во училиште, но тие не се доволни за да ги задоволат потребите на децата на кои им помага хуманитарната организација.

Отец Оливер се надева дека ќе се најде решение и за овој предизвик.

Сунчица Стојановска Зоксимовска