Осум чаури и безбол палка најдени на местото на убиството во Мала Речица


На местото на престрелката во која вчера попладне беше убиен Наип Реџепи во Мала Речица биле најдени осум чаури од пиштолска муниција, еден неиспукан куршум од пиштолска муниција, три зрна од куршуми и една безбол палка, соопшти МВР.

Извори, пак за медиумите на албански јазик велат дека убиениот и ранетите изглегле од седиштето на ДУИ и по вербална расправија и тепачка дошло до пресметката. Медиумите посочуваат дека  се случувала вистинска драма. Двете вооружени групи, биле составени од по неколкумина лица. Биле со две возила, едното со скопски, другото со кумановски таблици. Најпрво започнале вербална расправија, која прераснала во тепачка, а подоцна се случила и престрелката. Вооружениот инцидент бил кобен за 46 годишниот Наим Реџепи од кумановско, кој бил смртно застрелан во главата. Полицијата, на излезот од Тетово кон Скопје, уште вчера, при обид за бегство, успеала да приведе две лица од кумановско, а подоцна се лишени од слобода  уште други двајца. Синоќа и во Мала Речица, и во тетовскиот клинички центар, како и на влезовите во градот, имаше засилено полициско присуство, кое проверуваше возила и вршеше контроли.

„На 05.04.2018 година околу 18,20 часот пријавено е пукање од огнено оружје во с.Мала Речица, тетовско. Повредени биле Н.Р. (46) од с.Белановце, општина Липково, кој во Клиничката болница Тетово им подлегнал на повредите, Ф.М. (22) од с.Черкези, кумановско, кој бил пренесен во Ургентниот центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“-Скопје и С.Р.(41) од с.Белановце, општина Липково, кој бил задржан во болницата во Тетово. Приведени се четири лица и задржани во СВР Тетово за понатамошна постапка. Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и увидна екипа на СВР Тетово и притоа биле пронајдени траги од крв, осум чаури од пиштолска муниција, еден неиспукан куршум од пиштолска муниција, три зрна од куршуми и една безбол палка“, се наведува во писмената информација од МВР.

Од Обвинителството се уште нема официјална информација за настанот, велат работат на расветлување на случајот. Пронајдените траги ќе се вештачат, ќе се прават анализи на ДНК профили и ќе се земаат парафински ракавици. Телото на починатиот пак, ќе биде предадено на обдукција.