Осум милиони долари за борба против руските лажни вести

Неприродно е таму каде што големите сили имаат интерес, да не пуштаат пипала и да не се мешаат во сферите на општеството што можат да влијаат врз мислењето на граѓаните. Вака поранешниот разузнавач, Владимир Пивоваров, ги коментира најновите обвинувања од високи политичари и од медиумите во САД, според кои Русија со дезинформации и со други форми на малигни влијанија се обидува да го спречи влезот на Македонија во НАТО.

Реномираниот „Њујорк тајмс“ пишува дека додека Македонците се подготвуваат за најважните избори во историјата на својата нација, голем број постови на „Фејсбук“ ги повикуваат гласачите да ги „поништат“ своите гласачки ливчиња.

Стотици нови веб-страници бараат бојкот. И една вест, широко распространета на интернет, предупредува дека ‘Гугл’ може да го елиминира македонскиот јазик од листата на признаени јазици, во зависност од гласањето“, наведува „Њујорк тајмс“ во неделното издание.

Весникот продолжува дека во ерата на дезинформации, македонски и западни официјални претставници велат дека серијата активности на социјалните медиуми е токму тоа: дезинформации од групите поддржани од Русија, кои се обидуваат да поттикнат страв и да го намалат одѕивот на гласачите.

Западот се обидува да возврати. Напорите на конгресмените да се спротивстават на руските дезинформации беа попречени поради поделбите во Вашингтон. За да се пополни празнината, државниот секретар за одбрана, Џон Матис, отпатува во Скопје за да ја потенцира американската поддршка, а генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и германската канцеларка, Ангела Меркел веќе беа во Македонија“, тврди угледниот „Њујорк тајмс“.

Во јануари минатата година, американскиот Конгрес одвоил 8 милиони долари буџетски средства за борба против руската пропаганда во Македонија, но парите сè уште не се искористени.

Средствата за борба против руската пропаганда во Македонија беа задржани цела година и треба да бидат ефективно распределени. Дополнително, во август во Македонија требало да пристигнат дополнителни два милиони долари пристигнати за зајакнување на владеењето на правото, кое страда од ендемска корупција“, изјави за весникот анонимен дипломат.

Западните дипломати тврдат дека целта на Москва е да ги депримира граѓаните во Македонија за тие да не гласаат на референдумот и тој да пропадне. Во таа насока, регистрирани биле 40 нови интернет-страници што секојдневно на „Фејсбук“ ги охрабруваат луѓето на бојкот. Овие страници, кои се отворени надвор од земјава, главно ги дигаат тензиите со албанското малцинство, потенцирајќи ги спомените од војната во 2001 година и со прашања од типот: „Дали ќе дозволите Албанци да ви го сменат името?“

Русија пумпа пари преку опозицијата и ги поддржува националистичките партии што се против договорот“, вели Мајк Карпентер, член на поранешната администрација на Барак Обама.

Од друга страна, коментираат аналитичарите за весникот, пари се пумпаат и во Грција, каде што, исто така, се влијае врз граѓаните да не го прифаќаат договорот.

Немам јас докази за некое руско влијание. Руската Федерација е пријател на Македонија и таа нема ништо против интеграцијата на Македонија во ЕУ, но е против нашата интеграција во НАТО. И тоа го кажуваат многу јасно. Ние се обидуваме да објасниме дека за нас не постои алтернатива, освен целосната интеграција во ЕУ и НАТО. Сакаме да градиме пријателство со сите земји и со Руската Федерација така што верувам дека сето она што претставува експликација на пријателство во Македонија ќе го разберат и пријателите од Русија затоа што нашите граѓани ќе останат на таа определба“, изјави вчера премиерот Зоран Заев.

Тој рече дека е запознаен со информациите за мрежи на профили, кои шират лажни вести на социјалните мрежи и во традиционалните медиуми и порача дека се надева дека ќе „можеме да ги дознаеме деталите“, но дека тој нема идентификувано земји кои шират лажни вести.

Приврзаник сум на саморегулација затоа што новинарите и медиумските работници знаат најдобро како тоа да го направат, а ние како политичари и влади сме овде тоа само да го поддржиме“, заклучи Заев.

Ексразузнавачот Владимир Пивоваров објаснува дека во денешно време постојат неброени начини како да се изврши пропаганда.

Порано, кога границите и системите беа затворени, тоа беше можно само преку амбасадите или преку патувања на студенти во странство, па евентуално да им се извлечат некои информации. Денеска, сериозни разузнавачки центри на сериозни држави користат дозволиви и недозволиви средства како да влијаат врз ставовите на граѓаните, пред сè, преку економски и културни односи. Па, така, се отвораат разни здруженија меѓу две земји, невладини организации, културни центри… Преку такви начини се финансираат и одредени политички партии. Секако дека Управата за безбедност и контраразузнавање ги следи ваквите активности и постојат посебни организациски единици што се занимаваат со тоа. Но, сметам дека македонските граѓани имаат висока свест, самите можат да препознаат што е вистина, а што дезинформација и верувам дека тоа ќе го покажат на 30 септември“, коментира Пивоваров за „Независен“.

Пред доаѓањето во Скопје, Матис јасно посочи дека нема сомнение оти Москва финансира проруски групи во Македонија со цел неуспех на референдумот.

Тие префрлија пари, а исто така, спроведуваат кампањи за пошироко влијание“, рече Матис, кој во македонската престолнина сепак не ја спомна оваа тема.

Столтенберг: Го правеа тоа и во Црна Гора

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ја обвини Русија дека го попречува членството на Македонија во алијансата. Обраќајќи се во фондацијата „Херитиџ“ во Вашингтон, тој рече оти има многу примери каде што Москва се обидува да се меша во демократско-политичките процеси во алијансата.

Се служат со дезинформации преку социјалните мрежи. Го видовме тоа во Црна Гора, каде што дури имаше и обид за преврат. Сега тоа го прават во БЈРМ, каде што на 30 септември треба да се одржи референдум за името“, рече Столтенберг.

Горан Адамовски