Осуда за убиството на Оливер Ивановиќ од Тачи и од Харадинај
Косовскиот претседател Хашим Тачи го осуди убиството на еден од лидерите на Србите во Косово, Оливер Ивановиќ и ги повика безбедносните служби што е можно поскоро да ги расчистат околностите на настанот.
Во објава на неговиот профил на Фејсбук, Тачи побара сторителите на убиството да бидат изведени пред лицето на правдата и апелираше до граѓаните од северот на Косово да соработуваат со полицијата.
Убиството на Ивановиќ го осуди и косовскиот премиер Рамуш Харадинај, кој вети дека надлежни институции во Косово ќе сторат се за расветлување на случајот.
Харадинај оцени и дека е нелогично Србија да го блокира дијалогот Белград-Приштина и денешното убиство да го користи за дневна политика.
– Убиството на Оливер Ивановиќ во нејасни околности и непознати мотиви е кривично дело и тоа е казниво. Корстењето на овој трагичен настан за дневно политички цели и за блокирање на процесите чија цел е нормализирање на односите меѓу двете земји, е против логиката и духот на соработка. напиша Харадинај на својот профил на Фејсбук.
Тој посочи дека Косово останува посветено на создавање безбедна средина за сите свои граѓани и е силно определено на неговиот евроатлантски пат.
Ивановиќ, кој беше лидер на партијата Граѓанска иницијатива „Србија, демократија, правда“, беше застрелан утринава во Косовска Митровица. Во него беше пукано додека влегувал во просториите на својата партија околу 8:15 часот.
По нападот тој бил итно пренесен во болница, каде лекарите констатирале смрт.