Османи утре во Атина на средби со Коѕијас и Катругалос

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи утре ќе престојува во посета на Атина. Предвидено е да се сретне со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас и заменикот министер за надворешни работи, Јоргос Катругалос.

– Министерот за надворешни работи Никос Коѕијас, во вторник на 9 јануари ќе му приреди работен ручек на вицепремиерот на Поранешната југословенска Република Македонија, одговорен за односите со ЕУ, Бујар Османи, по повод неговата посета. Разговорите ќе се фокусираат на европски прашања од заеднички интерес. Господинот Османи, исто така, ќе се сретне со алтернативниот министер за надворешни работи, Јоргос Катругалос, соопштуваат од грчкото МНР.

Грчките медиуми, јавува дописникот на МИА од Атина, утрешната посета на Османи ја коментираат како прва точка од јануарските предвидени активности околу прашањето со името. Во оваа, како што ја нарекуваат „раздвиженост“ на релација Скопје – Атина, ги споменуваат и посетата на генералниот секретар на НАТО на Македонија, новата рунда разговори на Нимиц со преговарачите на двете земји и евентуалната средба на македонскиот и грчкиот премиер во Давос, на маргините на Светскиот економски форум.