Османи од Грција: Имаме историска шанса да го затвориме прашањето за името
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи вели дека Македонија има историска шанса да стави точка на прашањето за името. Османи во рамките на денешната работна посета на Република Грција, оствари средба со Министерот за надворешни работи на земјата, Никос Коѕијас, како и со Заменик Министерот за надворешни работи задолжен за европски прашања и меѓународни економски односи, Јоргос Катругалос.
Како што соопштуваат од неговиот Кабиент на средбите биле отворени темите за меѓусебната соработка, унапредување на комуникацијата, како и останатите мерки за градење доверба меѓу двете земји.
„Имаме исклучителен напредок во комуникацијата меѓу двете земји, што води кон очигледно зголемување на довербата меѓу државите, но и севкупно, зголемување на довербата меѓу двете општества“, истакна Османи, додавајќи дека само преку создавањето искрена атмосфера на доверба може да се надминат отворени прашања.
„Како политичари, имаме обврска да им создадеме услови на нашите граѓани за просперитет, напредок и благосостојба, а за тоа е потребно да ја унапредиме соработката меѓу двете земји на сите полиња“, истакна Османи. Тој додаде дека во наредниот период очекува засилување на мерките за градење доверба во сите области: економијата, културата, образованието, екологијата, меѓуграничната соработка, енергетиката, транспортот, итн., со што, покрај изградбата на довербата меѓу општествата, граѓаните ќе можат и директно да ги почувствуваат бенефитите од оваа соработка.
На средбите, беше отворена и темата за состојбата во која се наоѓа прашањето за името.
„2018 година претставува историска шанса за надминување на недоразбирањето околу употребата на името на нашата земја, и, како политичари кои ја добиле довербата да ги предводат своите граѓани, имаме обврска да покажеме зрелост и сериозност и да не ја пропуштиме оваа шанса.“ – истакна Османи.
Тој додаде дека во Македонија постои јасно изразен оптимизам за затворање на ова прашања и изрази надеж, дека, заедно со позитивните сигнали кои доаѓаат и до страна на Грција, ова прашање конечно ќе биде надминато.
Покрај меѓусебните односи, на средбите беа отворени и прашањата поврзани со европските предизвици, како што се потенцијалите за нова мигрантска криза, прашањето за начинот на функционирање на Унијата и последиците од БРЕГЗИТ, проширувањето на Унијата и со останатите земји од Западниот Балкан.