Орбан: По Брегзит, ЕУ да се прошири кон Балканот

По напуштањето на Велика Британија, Европската унија треба да се прошири кон Балканот, изјави денеска во Виена унгарскиот премиер Виктор Орбан по средбата со австрискиот канцелар Себастијан Курц.

– Гледаме дека Велика Британија ја напушта ЕУ и затоа се соочуваме со нови предизвици, а Унгарија не крие дека активно се залага за проширување на ЕУ, конкретно кон балканскиот регион, истакна Орбан.

– Ние веруваме дека во следните 10 години треба да го зајакнеме успешниот развој на Централна Европа, со цел овој регион да има одлучувачко значење во ЕУ, додаде Орбан.

Орбан и Курц на средбата разговараа и за бегалската квота определена од ЕУ, како и за азилантите во Европа.

Унгарскиот премиер оцени дека планираното распределување бегалци во ЕУ ја доведува во ризик Шенген зоната, поради тоа што таквиот механизам ги принудува државите кои веќе го носат товарот на заштита на надворешните граници на ЕУ, да примат и одреден број бегалци.

Тој оцени дека Шенген зоната може да функционира само со радикални мерки за заштита на надворешните граници, по примерот на оградата која Унгарија ја постави на своите граници.

Во иста насока, Курц потенцираше дека Европа без внатрешни граници може да функционира само доколку има вистински надворешни граници.

Австрискиот канцелар оцени дека механизмот за распределба на илегални мигранти не функционира и оти Европа треба да разгледа нова миграциска политика.