Општина Чаир: Инцидентот во Старата скопска чаршија не е на национална основа

Инцидентот во Старата скопска чаршија, што вчера беше пријавен во полицијата, е правно-сопственички проблем, а не проблем од национална основа, соопшти општина Чаир во реакција на изјавата на сопственикот на хотел Арка Сашо Џиковски.
Според општината, проблемите од правно-сопственичка природа потребно е да се решат од надлежните органи односно во конкретниот случај Министерството за транспорт и врски, и, како што се наведува, за лични интереси да не им се даде меѓуетничка конотација.
– Старата Скопска Чаршија била и ќе остане симбол на мултиетничност и мултиконфесионалноста исто како и цел град Скопје. Апелираме уште еднаш проблемите од правно-сопственичка природа да не се злоупотребуваат за поттикнување на меѓуетничка омраза, се вели во реакцијата од општина Чаир.
Како што информираа за МИА од МВР, вработена во „Арка“ вчера во полицијата пријавила дека сопственик на објект во изградба спроти хотелот Арка во Старата скопска чаршија го демонтирал скелето кое било поставено на хотелот. Полицијата по излегување на местото на настанот констатирала дека се работи за имотно правен проблем и дека не бил нарушен јавниот ред и мир. По одредено време, превентивно, повторно е излезено на лице место и по извршениот разговор со лицата затекнати пред хотелот, полицајците биле известени дека засегнатите страни се упатиле во Општина Чаир. Подоцна во полициската станица Бит пазар повторно добиле пријава дека некој го попречува влезот во хотелот, односно не им дозволувал излез на гостите. Од полицијата велат дека повторно излегла на терен и констатирале дека нема никакво попречување на влез и излез за лица од хотелот.
Џиковски, пак, претходно соопшти дека од вчера изутрина во хотелот траел вандалски напад од 20 хулигани организирани од сопственик на дивоградба која се гради во Старата скопска чаршија.
Според Џиковски, „полиција интервенирала неколку пати, меѓутоа од полициската станица Бит пазар одбивале да реагираат со образложение дека повеќе не биле во можност да ја гарантираат нивната безбедност и телефонски им порачале да си ангажираат приватно обезбедување“