Општина Центар поништи одобрение за катна гаража во центарот на Скопје

Градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ, донесе Решение за огласување на ништовност, односно поништување на одобрение за градба на инвеститорот АНГО ДООЕЛ Скопје за објект од втора категорија со намена за Е2 Комунална субструктура – катна гаража на улицата „11 Октомври“.

Инвеститорот, како што соопшти општина Центар, добил одобрение за градење на катната гаража на 26 август 2014 година со правосилност од 10 септември 2014 година. Законски предвидениот рок за почнување со градење  е две години од правосилноста на одобрението за градење, во спротивно одобрението за градење престанува да важи. На само три дена пред истекот на рокот, односно на седми септември 2016 година инвеститорот поднел барање за почнување на подготвителни работи за изградба на објектот.

– Од страна на Дистрибуција на топлина БАЛКАН Енерџи Груп (БЕГ), на барање на општината, доставена е и потврда дека инвеститорот ниту поднел барање, ниту потпишал договор за дислокација на вреловодна мрежа, а која инвеститорот своевремено ја навел како причина поради која се пролонгира на отпочнувањето со градење. На барање од општина Центар, Бирото за судски вештачења, со вешт наод и мислење, ја утврди фактичката состојба и заклучи дека на конкретната парцела не се гради никаков објект, ниту некогаш започнал да се гради, се вели во соопштението.

Врз основа на добиените заклучоци од инспекциските служби и вештачењето од Бирото за судски вештачења, како што се наведува, градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ издаде решение за огласување на ништовност на одобрението за градба и го поништи претходно издаденото одобрение за градење на катната гаража.