Центар го запре уривањето на барокот на ТЦЦ „Плаза“


Градежниот инспектор на Општина Центар пред неколку часа дал усна наредба да запре уривањето на барокната фасада на ТЦЦ „Плаза“ кое од утринава самоиницијативно го започнал инвеститорот. За кусо време, граѓани алармирале во Општина дека поради градежните зафати се кревала огромна прашина, а истовремено била поткопана и улицата. Неколку граѓани реагирале дека во прашање била доведена и безбедноста. Општинскиот инспектор веднаш излегол на терен и констатирал незаконско уривање. Инвеститорот не само што немал дозвола за градежните зафати, која воопшто и не ја побарал во Општината, туку не постапувал законски по неколку основи.

„Инвеститорот немал преземено мерки за заштита при уривање, улицата е поткопана, се крева прашина и автоматски се загадува животната средина, а при уривање законски е утврдено дека треба прашината да се прска со вода. Инспекторот увидел и други пропусти и од тие причини на инвеститорот му е издаден аусна наредба за преки на уривање. Во меѓувреме треба да добие дозвола од кај нас за градежните работи. Таа до сега не е побара“, изјави за „Независен весник“, Катерина Цаневска, портпарол во Општина Центар. Вели дека инвеститорот и пред месец дена почнал да го урива објектот, но веднаш бил запрен од истите причини. Општинарите не знаат зошто инвеститорот се одлучил на таков чекор, ниту пак некогаш дале налог за такво нешто. Истото го велат и од Град Скопје.

Од Центар додаваат дека објектот е во согласност со ДУП, поседува дозвола за градба од 2016 година и не е опфатен со одлуката за мораториум.

Од ТЦЦ Плаза не успеавме да добиеме одговор зошто се урива фасадата. Никој не одговараше на телефонските повици. (Д.Т.Д.)