Опозицијата заедно против власта во Дебар, па потоа заедно против Пендаровски

ВМРО-ДПМНЕ потврди дека нема да има свој кандидат за градоначалник на Дебар. Како што пишуваше „Независен весник“, партијата процени дека место дефилирање на кандидат кој во средина со претежно албанско население нема никакви шанси за победа, па ниту за пласман во втор круг, можеби е подобро да се поддржи фаворитот на нивните опозициски партнери – Алијансата на Албанците и Беса. Коалицијата на трите партии што ќе се спротистави на кандидатот на ДУИ и на СДСМ се уште не е потврдена, но работите одат во таа насока, брифираат нашите извори.
Соработка на партиите предводени од Христијан Мицкоски, Зијадин Села и Билал Касами, всушност, функционира уште од декември минатата година кога почина тогашниот градоначалник на Дебар, а опозициското друштво успеа да направи превласт во локалниот совет. Траеше помалку од еден месец, затоа што сопартијците на Али Ахмети и на Зоран Заев бргу си го вратија својот пребеган советник од партијата на Фијат Цаноски. Но, евентуална коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ, Алијансата и Беса отвора прашања дали соработката ќе важи и за претседателските избори, каде и едните и другите имаат свој кандидат, како и на идните парламентарни избори, при што ќе се борат за доаѓање на власт?
Алијансата на Албанците го кандидираше Арбен Аголи, кој беше кандидат за градоначалник и на последните избори во октомври 2017 година. Тогаш освои 2.597 гласа, но недоволно за Ружди Љата, за кого гласаа 3.419 сограѓани. ВМРО-ДПМНЕ со Драган Клопчевски доби 685 гласа, а Џемаил Чупи од Беса имаше поддршка од 1.271 гласач. СДСМ немаше свој кандидат, туку го поддржа кандидатот на ДУИ, како што ќе биде и годинава.
„Аголи имаше одличен резултат, имајќи предвид дека за Љата работеше целата власт, а ние бевме сами. Сега доколку биде се како што очекуваме, со поддршка на Беса и на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидеме во апсолутна предност. Сметаме дека е нормално партиите од опозицијата да соработуваат, исто како што тоа го прави и власта. Кога зборуваме за ВМРО-ДПМНЕ, треба да имаме предвид дека тоа не е истата партија од времето на Никола Груевски, така што има простор за соработка. За евентуална идна коалиција или поддршка на Гордана Силјановска во вториот круг на претседателските избори доколку таму не влезе нашиот Блерим Река или за идни парламентарни избори не сме разговарале“, велат од Алијансата за „Независен весник“ .
Во моментов, советот на Општина Дебар брои 15 советника, при што пет се од ДУИ, двајца од СДСМ и еден од ПЕИ, кои сочинуваат мнозинство, додека Алијансата со три, ВМРО-ДПМНЕ и Беса со по два се во опозиција. По смртта на Љута (63), советникот на ПЕИ прејде од другата страна, па за в.д. градоналник беше поставен Еуген Цами од Алијансата. Тоа воопшто не им се допадна на владеачките партии.
„Политиката понекогаш ги надминува моралните стандарди, и согласно политичките агенди, понекогаш ќе мора да ја прифатиме и оваа неморална одлука на малите опозициски парти од албанскиот блок и ВМРО-ДПМНЕ, во смртта на Ружди Лата да го пронајдат сопствениот политички успех. На граѓаните на Дебар сакаме да им порачаме да почекаат неколку месеци, кога, по сила на закон, на избори, малите опозициски парти од aлбанскиот блок заедно со ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да ја проверат довербата за оваа нивна авантура“, соопшти ДУИ.
Но, ниту „интегративците“ ниту социјалдемократите неаа трпение да почекаат четири месеци, па за неколку недели си го придобија назад „бегалецот“ од ПЕИ, Цами беше сменет, а на негово место назначен Хекуран Дука од ДУИ, кој и сега е кандидат за градоначалник на партијата на Ахмети. Рокадата предизвика турбуленции и заострени политички односи меѓу власта и опозицијата, која обвинуваше за незаконска смена и бараше помош од државните институции. (Г.А.)